Сметки еден куп. Фрижидерот речиси празен. Куќата дува од секоја страна. Крпиш дупка по дупка. Кратко кажано, крпен живот...

-И се беше убаво. Изгледаше како дека ќе трае за век. Јас работа, сопругот работа. Ни се роди едно, па после уште едно дете. Почнавме куќа. Полека, без брзање, малку по малку. Едната плата одеше за градење, другата за да преживееме. И успевавме. Со таа една плата се храневме, плаќавме сметки, се облекувавме, возевме автомобил, се шетавме, одевме на одмор... И се беше многу убаво, до моментот додека и двајцата и да останеме без работа. Ни ги затворија фирмите во исто време. Без скршена пара останавме. Моравме да се снаоѓаме. Сопругот работеше што ќе стигне, исто и јас. Како одеа годините напред, така стануваше се потешко. Не можевме да се прехраниме, да истуркаме месец. Ќерката порасна, беше матурант. Одлична ученичка, во гимназија. Ама залудно мама и тато немаат пари за факултет. Од мака и нервоза, сопруго се разболе. По една година мачење, тој почина. Останав сама дома со две деца... Голготата тогаш започна. Не си на никаде. Работев преку ден во фабрика за текстил, а навечер во еден ресторан, миев садови. Мораш така за да преживееш. Децата си растеа. Не можев ништо повеќе да им дадам. Среќа беа скромни, па не бараа. Синот откако заврши матура, веднаш почна да работи како келнер. Ќерката во еден бутик. Почнаа да си земаат за себе... Син ми, сега е возрасен. Во секој момент треба да му стигне бугарскиот пасош. Оди си му вика. Барај убав живот, гради убава иднина. Тука нема ништо. Малку себично од мене, како родител, но секој родител сака се најдобро за своето дете. Не сакам да ја доживее истата судбина како мојата. Ниту тој, ниту неговото семејство, ниту никој друг. Животот е суров. Еднаш си горе, еднаш си доле. Боли кога паѓаш, боли кога губиш, раскажува Милевка.

Слична приказна делат многу македонски семејства. Многу деца останаа нешколувани. Многу родители останаа без работа во времето на приватизација на фабриките.

Убаво беше порано, реченица која многу често можете да ја слушнете од повозрасните во Македонија.