Од полноќ поскапуваат горивата - ова се новите цени

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,09% во однос на одлуката од 05.6.2023 година.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,803%, кај дизелот за 2,996%, кај екстра лесното масло за 2,977% и кај мазутот зголемувањето е за 2,913%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,122%.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,50 ден/лит.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,922 ден/кг и сега ќе изнесува 40,526 ден/кг.

Од 13.6.2023 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 81,50 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 83,50 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 70,50 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,00 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 40,526 (денари/килограм)

- Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 13.6.2023 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени, велат од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.