Од почетокот на годината починале 3 родилки

Дебора Џамбази од Кичево, Маја Паневска од Свети Николе и Елизабета Динева од Гевгелија се трите родилки кои годинава починале по породувањето, а за кои семејствата се сомневаат на лекарски грешки.

 

На сите три ова им било прво породување. 31 годишната Џамбази го изгуби животот за време на царски рез во приватна болница, Паневска почина во штипската болница а Динева ја изгуби битката за живот на КАРИЛ а била породена во гевгелиската болница. За нејзиниот случај  Обвинителството се уште не отворил предистражна постапка бидејќи го чекале извештајот од надлежните институции кои треба да утврдат дали постои сомневање за кривично дело. Во истата болница пред околу три години, за време на царскиот рез почина и Маја Кадиева заедно со нејзиното новороденче. Се уште се чека на судскиот епилог за овој случај.

Во очекување е и обдукцискиот извештај за родилката која пред еден месец почина на гинеколошкото одделение во Штип. Дури наредната недела ќе биде познат епилогот и од Судска медицина и од комисијата формирана од Министерството за здравство.

Засега Јавното обвинителство води постапка само за родилката од Кичево која во февруари почина во болницата Санте Плус за која обдукцијата покажа дека се задушила поради погрешно поставен тубус. Освен за мајката истрагата ја прошириле и за евентуална одговорност за бебето, кое со месеци беше на Детска клиника а било носено и на лекување во Турција.

- Надлежниот јавен обвинител презема дејствија за прибирање материјални и вербални докази за утврдување на причинско последична поврзаност помеѓу начинот на водење на породувањето и здравствената состојба на бебето. По утврдување на фактите во предметот ќе биде донесена јавнообвинителска одлука, велат за Сител од Обвинителството.

Во меѓувреме, стручните комисии кои ги формираат здравствените власти, речиси никогаш не најдоа лекарска грешка.

Покрај комисиите што ги формира Министерството за здравство, случаите за трите починати родилки оваа година ги истражуваше и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Главна цел им била колку здравствените установи работеле согласно дозволата, дали ја имаат неопходната опрема како и соодветен стручен кадар. Дали постои лекарска грешка треба да утврдат истражните органи.

air max 90 essential sale