Автобусот на полската фабрика „Соларис“ со која ЈСП „Скопје“ потпиша договорот од вчера сообраќа на линијата број 2.

„Автобусот е направен според последните еколошки трендови во оваа индустрија. Троши двојно помалку од постоечките дизел автобуси што ќе ги намали трошоците на претпријатието. Ова е одлична можност Градот да собира искуства кои понатаму ќе ги користиме во планирањето на модернизацијата на јавниот превоз. Годинава предвидовме субвенции за ЈСП’Скопје‘ за набавка на еко автобуси од 100 милиони денари и 20 милиони за приватните превозници“, рече градоначалникот Петре Шилегов.

Станува збор за енергетски ефикасен автобус, наменет исклучиво за јавен превоз, со намалена потрошувачка на гас. Споредено со потрошувачката на старите дизел-автобуси, овој автобус троши двојно помалку, што дополнително ќе ги намали трошоците за гориво на ЈСП.

На линијата број 5 веќе вози автобус на гас од производителот Мерцедес, а наскоро ќе биде пуштен во сообраќај и автобусот на струја на линијата 15.