Нуредини: Со црногорскиот министер Митровиќ разменивме искуства и најдобри практики за заштита на животната средина

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска е домаќин на висока делегација од Министерство за животна средина, просторно планирање и урбанизам на Република Црна Гора предводена од министерот Ратко Митровиќ.

На официјалната средба министерот Нуредини изрази задоволство што, иако досега не е остварена поголема соработка со Црна Гора на полето животната средина, средбата ќе овозможи размена на искуства и стекнување знаења за најдобрите практики во областа меѓу министерствата и ќе отвори можности за проектирање на заеднички проекти.

Се разговараше на повеќе теми од областа животна средина. Се разменија искуства и примери за добра пракса во областа на управување со отпад, со посебен акцент на управување со цврст отпад и отпадни води, се дискутраше за управување со национални паркови и заштитени подрачја, а се отвори и прашањето за предизвици во поглед на финансирање на инфраструктурни проекти во областа на животната средина. Како особено добар пример беше спомнат државниот мониторинг систем и достигнувањата во известувањето кон Европската агенција за животна средина.

Во излагањето, министерот Нуредини посебно се осврна на просторното планирање, при што информираше дека во тек е изработка на нов Просторен План на Република Северна Македонија, како многу важен стратешки плански документ и посочи дека во тој дел би биле корисни искуствата од црногорските колеги во водењето и спроведувањето на политиките и следењето на процесите за обликување на просторот, а особено во решавање на споровите околу легализирање на градби во сега веќе заштитени подрачја.

Како посебно важно од организациски аспект, се спомена потребата од постоење на Агенција за животна средина со што министерствата се растеретуваат од локалните проблеми и опеативните активности, заштитата на одредени видови растенија и животни и сл. Нуредини ги сподели очекувањата дека таква агениција во најскоро време ќе се формира и во нашата држава.

Нуредини и Митровиќ се согласија дека двете министерства се соочуваат со недоволните капацитети на административниот кадар во општините за справување со поголеми проекти од областа на заштита на водата, воздухот и отпадот.

Се разговараше и за евроинтегративните процеси при што министерот Нуредини истакна дека во тек е процесот на усогласување на националното законодавство со правото на Европската Унија во областа животна средина и изрази подготвеност за меѓусебно споделување искуства во однос на предизвиците и споделување на најдобрите практики и активности за влез во ЕУ.

Министерот Митровиќ се согласи дека денешната посета претставува добар почеток за соработка меѓу двете министерства и ќе придонесе пво одобрување и усовршување на функционирањето на двете институции.