НОВО ВРЕМЕ, НОВИ БИЗНИСИ: Перам-пеглам и одлично заработувам

Здодевното и напорно чистење на домот, перење, пеглање, готвење, па и грижата за домашните миленичиња се претвори во бизнис. Додека низ градовите во внатрешноста ретко ги има, во Скопје специјализирани продавници за готвена храна, иста како дома, сервиси кои освен во фирми чистат и во домови, како и дуќани за перење и пеглање, има се повеќе.

Иако лани се донесе закон со кој за вршење нерегистрирана дејност се предвидоа ригорозни казни, се уште има голем број жени кои одат по домови и чистат, готват, а за одреден надомест го завршуваат и здодевното пеглање.

Пред две години скопјанката Верче отворила дуќан за перење и пеглање, облека.

-Моето семјество се најде во една тешка финансиска состојба па така започнав прво да пеглам по куќи на повик. Така од ден на ден обемот на работа ми се зголемуваше. Често пати мои муштерии беа млади брачни парови, млади момци кои сами живеат како и стари изнемоштени лица, раскажува Верче.

Најчесто на перење и пеглање се носат специфични работи, како кошули, палта и слични парчиња облека што можат да се перат во машина, потоа постелнина, завеси.

-Бизнисот го започнав пред две години, прво со една машина за перење, за денеска да имам дури три и фала му на бога имам доста работа. Покрај облеката, постелнина, јакни преме и вршиме дезинфекција со средства на детски играчки. Валканите алишта ги земаме од местот од каде ќе добие повик, тка испрани, испеглани ги враќаме на домашна адреса. Цената, ја наплатуваме на килограм, и е сосема пристапна. Времето вреди многу повеќе пари отколку што ќе се потрошат за перење и пеглање на облеката. Најмногу работа имаат околу празниците и кога семејствата се враќаат од некое патување, објаснува Верче.

Низ градот има и доста жени кои работат на повик. Мирјана од Скопје  вели дека се почнало кога некој поранешен колега ја замолил да му најде жена која би ја испеглала облеката што ја испрале во машина за перење по враќањето од годишен одмор.

- Не можев да најдам пријателка што би се нафатила на тоа, па си реков, зошто не јас. За час и половина испеглав се на евтина струја и си зедов 1.000 денари. Оттогаш често го правам тоа и не ми е тешко, вели таа.