Нови петнаесет македонски локалитети и храмови пред Европа и светот

“Црквата Св. Богородица – Матејче”, “Црквата Св. Богородица Елеуса – Вељуса”, “Керамичките релјефни плочи од Виница”, “Маркови кули”, “Варош – Прилеп” се дел од петнаесетте нови наслови во издание на Управата за заштита на културтно наследство.

Македонската јавност, но и европската и светска, од вчера имаат можност да се запознаат со најновите детали поврзани со овие познати македонски локалитети и храмови и тоа напишани токму од самите автори, истражувачи кои работеа на теренот.

Новите наслови од кои десет се на македонски и пет на англиски јазик, се дел од едицијата “Најзначајните вредности на културното и природното наследство на Република Македонија”. Меѓу насловите на македонски кои вчера беа промовирани во Археолошкиот музеј на Македонија, се и “Таор (антички населба Тауресиум)”, “Баргала”, “Манастирот Трескавец”, “Тумба Маџари, археолошки локалитет и неолитско село”, “Црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново” и “Муниципиј Стобенсум”. Во превод на англиски, пак, се промовирани насловите “Municipium Stobensium”; “The History of Discovering the Site of Isar – Marvinci”; “The Medieval Fortress of Isar – Shtip”; “Kokino – a Holy Mountain and Observatory for 4000 Years”, “The Great Bath of The Late Roman Thermal Spa in the Village of Bansko”…

Изданијата, како што велат од Археолошкиот музеј и Управата, се популарни, напишани на јазик разбирлив за секого и наменети за пошироката публика, а ќе се најдат во малопродажба и во музејските продавници, со што ќе бидат достапни за сите граѓани, но и за туристите.

Предвидени вкупно 130 наслови

Со новите 15 изданија бројот на наслови достигна 45 од предвидените 130 во рамките на повеќегодишниот проект на Управата со кој ќе бидат опфатени најзначајните археолошки локалитети, профани и сакрални објекти и природни богатства.

“Оваа едиција е признание и за повеќе генерации на македонски истражувачи кои својот живот го посветиле на македонското културното наследство и негова промоција”, истакна директорот на Археолошкиот музеј Горан Санев, кој посочи дека изданијата ќе бидат достапни и во библиотеката на Археолошкиот музеј чие отварање по повеќе години чекање ќе биде објавено во март.
Според директорката на УЗКН, Елеонора Петрова-Митевска, преводот на англиски јазик овозможува за културното наследство на Македонија да дознае европската и светската јавност.

“Со овие наслови ќе им го доближиме македонското културно наследство на Европа и светот и тоа токму во годината на европското културно наследство, кога ја споделуваме заедничката грижа”, рече Петрова-Митевска.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски, пак, посочи дека целта на новите изданија е да се афирмираат бројните и бесценети културно-историски знаменитости во државата.

“Во наредниот период ќе се посветиме на изработка на стратегија и нова, модифицирана законска рамка за заштита на културното наследство. Ќе ги поттикнуваме студиските програми за конзервација и реставрација на движното и недвижното наследство, а ќе ги решаваме и проблемите околу стандардите за конзервација, идентификација, евиденција и валоризација на културните предели”, истакна Алаѓозовски.

Тој исто така додаде дека очекува нашиот богат културен трезор ќе стане препознатлив за жителите на Европа и на светот.

Новите наслови се дел од повеќегодишен проект на Управата, чија цел е преку 130 монографски публикации да ги доближи најзначајните археолошки локалитети, профани и сакрални објекти и природни богатства до домашната и меѓународна публика.