Нови инструменти за сите 18 мерни станици за загадувањето

Со Планот за чист воздух за наредната година планирано е да се набават нови инструменти за веќе постоечките 18 мерни станици. Нефункционирањето на инструментите за ПМ10 честички на мерните станици нема да биде прикажано како намалување на загадувањето на воздухот во годишните извештаи, изјави заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули.

„Дали мерната станица покажува 100 или 150 микрограми на кубен метар е важно, но најбитно е да го спречиме тој што предизвикал 150. Планот се базира токму на тоа, како да го решиме загадувањето. Во 2019 година со буџетските алокации и со помошта што ќе ја добиеме од европските партнери, дел набавката на комплетно нови инструменти ќе биде направена брзо, веќе на почетокот на 2019 година. Не сакаме поради нецелосниот квалитет на инструментот да направиме проблем. Сакам да кажам дека во една мерна станица има пет или шест различни инструменти, се мерат ПМ2,5 честички, ПМ10, озон, сулфур диоксид и јаглерод. Останува наша обврска до тогаш, можеби со соседните земји, преку нашите колеги од другите министерства, да најдеме можеби времено решение, а новата набавка ќе се случи на почетокот на 2019 година“, вели Макрадули.

Инструментите на мерните станици во Гази Баба и Лисиче, кои што се едни од најзагадените населби во Скопје, не работат веќе подолго време.

Нефункционирањето на инструментите во Лисиче и Гази Баба е проблематично затоа што според резултатите од овие мерења се воведуваат предвидените итни мерки. За воведување на итни мерки потребно е барем две мерни станици во Скопје да покажат среднодневна концентрација на ПМ10 честички над 200 микрограми на кубен метар во последните два дена.