Македонец доби највисоки признанија за храброст во Германија - спасил човек од сигурна смрт

Кумановец кој живее и работи во Минхен, Германија, награден е со највисоки признанија за храброст во сојузната покраина Баварија, затоа што спасил човек од сигурна смрт, објави СДК.МК. Роберт Пешиќ (38), кој работи како медицинско лице во локална патронажна служба, на раце го изнел Германецот Кристијан додека во неговиот стан беснеел голем пожар.

За овој исклучителен подвиг Роберт е награден со две највисоки државни признанија за храброст, лично од премиерот на Баварија Маркус Содер.

Наградите му биле врачени на 29 мај на свечена церемонија во премиерската резиденција во Минхен, во присуство на македонскиот конзул Сашо Аврамовски, заедно со уште стотина други спасувачи од целата сојузна покраина кои во 2017 и 2018 се истакнале со лична храброст. 43-ца добиле Баварски медал и 59-мина медал Кристофер, додека само Роберт и уште еден човек ги добиле двете признанија.

Баварскиот медал се доделува на лица кои спасиле живот ризикувајќи го сопствениот, а Кристофер за спасување на луѓе во тешки околности.