Град Скопје во соработка со УНДП влезе во напредна фаза од реализацијата на активностите за воспоставување Зелен катастар на јавните зелени површини во градот.
Основна цел на овој проект е заштита на животната средина, подобрување на управувањето со јавното зеленило, како и зајакнување на урбаната отпорност преку собирање и анализа на просторни податоци за зеленилото, истакна на денешната презентација скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
За жал, како што рече, години наназад, како последица на градежната експанзија, а во центарот на Скопје како последица на проектот „Скопје 2014“, зеленилото во градот честопати било жртвувано на сметка на новите градежни објекти кои задоволуваа извесни лични, политички и бизнис интереси, но не и интересите на граѓаните кои имаат неспорно право да живеат во здрава животна средина.
– Зелениот катастар треба да обезбеди прецизни и квалитетни податоци со помош на кои ќе може целосно да се спречи непотребното сечење или оштетување на дрвјата и целосното уништување на зеленилото за потребите на разни градежни активности, подобро планирање во насока на зачувување на постојното зеленило, поквалитетно одржување и ред други предности, рече Шилегов.
Поради комплексноста на работите, активностите се реализирале во фази. Досега се реализирани активности за геодетско снимање на зелени површини и дрвја, грмушки, и парковска инфраструктурана. Изработена е и ГИС апликација за преглед и управување со јавното зеленило на територијата на Град Скопје.
– Со геодетското снимање опфатено е зеленило на површина од 650 хектари. Во оваа фаза тоа го опфаќа булеварското зеленило и парковското зеленило што е под надлежност на Град Скопје. Исто така реализирана е т.н. инвенторизација на теренот која подразбира попис на дрвјата и грмушките, со собирање податоци за видот на дрвото, неговата здравствена состојба, големина, ширина и неговата точна местоположба. Досега се попишани точно 65.844 дрвја и 28.395 грмушки. Во следните фази предвидено е снимање на зелените површини на институциите што се под надлежност на Град Скопје (јавните претпријатија, јавните установи, средни училишта…, нагласи Шилегов.