Оставка на режисерот Поповски: Не сакам да учествувам во тонењето на МНТ

Поповски, објавувајќи ја својата оставка на место претседател на Управниот одбор на Македонскиот народен театар јавно ги обвини надлежните институции дека не превземаат ништо за да се разјаснат и решат проблемите со кои се соочува МНТ. Тој го истакна долгот, неправилностите во систематизацијата на работните места и нераспишувањето на конкурс за избор на директор…

“Ако долгот од 150.000 евра не е долг, ако некој зема плата за место на кое не работи, а работи на место кое не постои, ако е во ред национална установа да работи без директор… тогаш јас нешто не разбирам, но сеедно и да не разбирам во тоа не сакам да учествувам. Влегов со искрена намера да помогнам оваа куќа да порасне, но не сакам да бидам дел од нејзиното тонење”, изјави вчера на прес-конференцијата реномираниот македонски режисер Александар Поповски, објавувајќи ја својата оставка на место претседател на Управниот одбор на Македонскиот народен театар. Тој вчера јавно ги обвини надлежните институции дека не преземаат ништо за да се разјаснат и решат проблемите со кои се соочува оваа наша национална установа од областа на културата.

“Согласно надлежностите УО побара од правната и финансиската служба одговори на некои прашања и се разбира -документи. Исто така требаше да се отпочне со процедура за избор на директор. Во Меѓувреме за в.д. директор беше назначена Симона Угриновска и заедно со неа се обидувавме да направиме се за што подобро да функционира театарот. Речиси една година се уште нема ниту блага назнака за тоа кога би се распишал конкурс за нов директор. Ова не става во ситуација кога почнуваме да спасуваме сезона по сезона без да се воспостави јасна визија што сакаме со оваа куќа која треба да биде огледало, носител и пример на драмската уметност во земјава”, истакна Поповски.

Тој исто така додаде дека не било можно да се назначи уметнички раководител на МНТ во текот на целата измината година поради нејасен статус на работното место на Дејан Пројковски, кој по поднесената оставка на местото директор, во систематизацијата на МНТ фигурира и како режисер и како уметнички директор. Поповски ја истакна и нерасчистена ситуација во однос на финансиските обврски на МНТ кон добавувачи врз основа на претходно склучени договори за јавни набавки на стоки и услуги и обврски за комуналии во периодот 2015-2017 година.

“За оваа ситуација го известивме Министерството за култура и службите на МВР. Ние не сме тие кои можат да направат проценка дали во овој случај има злоупотреба и затоа документите ги предадовме на надлежните институции. Сметам дека мојата работа во ова тело е сосема бесмислена доколку надлежните институции до кои писмено се обративме и на неколку наврати усмено искомунициравме, не се произнесат и не реагираат за овие појави”, истакна Поповски, притоа додавајќи “Мојата лична оставка нека биде почеток за отворање сериозна дебата за културата во Македонија и повод новиот министер за култура да се заинтересира за оваа состојба”.

Неговата оставка е во координација со в.д. директорката Угриновска, а четворицата членови на УО (Петар Арсовски, Зоја Бузалковска, Драгана Костадиновска и Нина Николиќ), како што рече Поповски, се согласуваат, но решиле да останат во Одборот и да се борат преку институциите.

Инаку, Поповски, кој е и е уметнички директор на Охридско лето, добил покана да биде уметнички директор на Словенско народно гледалишче во Марибор.

До затворањето на весникот од Министерството за култура не добивме одговор на прозивката од страна на сега веќе поранешен претседател на управниот одбор на МНТ, Александар Поповски.