Почнувајќи од 7‐ми мај, на локации во Македонија, ќе се снимаат сцени од тв серијалот „Сенките над Балканот“ по концепт и во режија на Драган Бјелогриќ.
Станува збор за меѓународна копродукција меѓу Кобра филм Србија, Скопје филм студио Македонија и Искра-Москва Русија. Претходно имаше снимање на повеќе локации низ Србија, еден дел во студиото „Баранда“, а екипата ќе работи и во Црна Гора и Русија, соопштија од Скопје филм студио.
Епизодите базираат на сценарија напишани од повеќе автори: Драган Бјелогрлиќ, Даница Пајовиќ, Дејан Стојиљковиќ, Владимир Кецмановиќ, а со главниот режисер на серијалот, на дел од епизодите ќе работат и Коста Ѓорѓевиќ, Данило Бечковиќ, Срѓан Спасиќ, Мирослав Лекиќ и Игор Иванов
. Улогите во „Сенките над Балканот“ ги толкуваат Драган Бјелогрлиќ, Андрија Кузмановиќ, Марија Бергам, Горан Кичиќ, Ненад Јездиќ, Бранимир Брстина, Слободан Бода Нинковиќ, а од Македонија играат актери: Тони Михајловски, Перо Арсовски, Јана Стојановска, Аксел Мехмет, Никола Ристановски, Петар Мирчевски и Дениз Абдула.
Како копродуценти на серијалот со свое учество се вклучија и Радиотелевизија Србија, Радиотелевизија Република Српска и Македонската радиотелевизија.
Серијалот е финансиски поддржан и од страна на Агенцијата за филм на Република Македонија.