Милениумскиот крст добива лифт - проектот станува реалност

На падините на планината Водно се наоѓа ,,Жичницата Милениумски Крст“ – Скопје, која во последните пет години се вбројува во најпосетените туристички места во земјава.

Жичницата Милениумски Крст е изградена во 2011 година, со почетна станица на надморска височина на 580м и крајна станица која се наога на висина од 1063 м, со должина на трасата од 1650 м и висинска разлика од 500 м. Истата има капацитет на 1200 патницина час.

Поседува 28 кабини и 2 модернизирани кабини (ВИП), кои се користат за посебни пригоди. Инаку, истите кабини, освен тоа што се наменети за транспорт на патници, имаат и техничка можност да транспортираат велосипеди и скии.

Жичницата е доста посетена, како од странските туристи во текот на целата година, така и од наши домашни посетители, кои редовно ја посетуваат во текот на целата седмица. Истата работи преку целата календарска година, без прекини и застои, освен во понеделниците, кога се вршат редовни сервиси и прегледи.

Во изминатите 5 години постоење, со жичницата се превезени околу 1,200,000 патници без било какви проблеми или како за илустрација, од јануари до јуни 2016 година, превезени се околу 170,000 патници.

Во истиот комплекс, на врвот на планината Водно, се наоѓа Милениумскиот Крст, кој исто така сам по себе претставува атракција која ја нуди Градот Скопје. На Крстот монтиран е нов лифт и со тоа, објектот е влезен во завршна фаза, односно на истиот се привршуваат работите околу инсталирањето на изолацијата и партерниот дел. Лифтот е набавен од „СОДИМАС“-Франција и ќе биде сервисиран од страна на производителот.

Во блиска иднина се очекува лифтот да стапи во функција, кој ќе има можност да ги превезува посетителите до самите краци на крстот, од каде што во присуство на официјални лица, ќе можат да се движат по нив. Времетраењето на возењето би било од 50 – 60 секунди, носивоста на кабината ќе биде до 800 кг. или до 10 лица.

Оттука на посетителите ќе им се овозможи прекрасен пејсажен поглед кон Градот.

Во склоп на самиот комплекс на Милениумскиот крст е предвиден и ресторан, кој ќе биде лоциран на базичниот дел на објектот.