Пуштањето во употреба на опожарениот мост „Беласица“ и натаму е неизвесно и предмет на дебата во јавноста со различни укажувања за активностите што треба да се преземат, како и за нивното времетраење.
По повикот од Регулаторната комисија за енергетика за што поскоро санирање на топловодот, што исто така беше зафатен од пожарот на 12. минатиот месец, вчера се огласија од ЕСМ дистрибуција од каде порачаа дека тоа ќе биде направено во најкраток можен рок.
-Почетокот на активностите за санација на опожарениот топловод е поврзан со завршување на сите дејствија и проверки на состојбата на мостот од страна на вклучените релевантни институции и компании. ЕСМ Дистрибуција на топлина ќе вложи максимални напори отстранувањето на опожарениот топловод на мостот да се заврши во најкраток можен рок, соопштија вчера од ЕСМ Дистрибуција.
Оттаму уверуваат дека и покрај опожарувањето на мостот, во следната грејна сезона која почнува во октомври 2023, ќе има сигурна и непрекината испорака на топлинска енергија до сите потрошувачи приклучени на дистрибутивната мрежа.
Како што укажа претходно претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимовски, мостот „Беласица“ и топловодот што минува таму е најважен проблем со кој се соочуваме во овој период.
- Тој топловод е екстремно важен, бидејќи преку него, топлината од Те-То доаѓа до топланата „Запад“ во Тафталиџе и тоа е од голема помош, посочи Бислимовски, при телевизиско гостување минатата недела.
Според Бислимовски, ако топловодот не биде ставен во функција, РКЕ во своите калкулации при правењето на цената ќе смета дека работи и ако има зголемени трошоци поради тоа што топловодот не е ставен во функција, тоа ќе биде на товар на компанијата, а не на товар на граѓаните.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска викендот најави дека мостот „Беласица“ ќе се санира многу бргу затоа што, како што рече, се однесува на козметичко рефреширање на она кое што е паднато во делот на бетонот и оти наскоро, неделава, мостот ќе биде пуштен повторно во употреба.
- На некои од нив треба да се направи некоја козметичка санација меѓутоа, генерално се безбедни, сигурни за движење, рече градоначалничката Арсовска.
Професорот Михаил Гаревски од приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени, кој е ангажиран од Град Скопје да направи експертиза за мостот кој беше опожарен на 12 мај, пак, вели дека на мостот не му е потребно зајакнување бидејќи од визуелната слика што е добиена од снимката со дрон се гледа дека каблите за преднапрегање не се оштетени туку само бетонот.
Гаревски не ги употребува истите зборови со градоначалничката Арсовска, односно дека на мостот му е потребно козметичко рефреширање и вели дека е потребна лесна санација.
- На мостот „Беласица“ нема сериозни оштетувања и потребна ќе биде лесна санација која трае околу 20 дена. На мостот не му е потребно зајакнување бидејќи од визуелната слика што ја добивме од снимката за дрон се гледа дека каблите за преднапрегање не се оштетени, односно не се здобиле со висока температира. Оштетен е само бетонот и треба на долната плоча да се постави заштитен бетон, изјави вчера Гаревски.
МИА претходно имаше и ексклузивно интервју со проектантот на мостот, Викан Нагуљ. Тој во интервјуто оцени дека обемот на оштетувања е многу поголем отколку што претпоставувал врз основа на достапните фотографии и дека трагите и оштетувањата од високата температура од пожарот не биле видливи на фотографиите онолку колку што навистина се.
- Мостот, според мене, не може да се третира како оштетувањето да е мало и безначајно, едноставно затоа што не се знае какво е. Мора да се направи многу детално испитување. Не само визуелно, туку да се отвори конструкцијата, да се испита, да се земат примероци и да се испитаат лабораториски, рече Нагуљ за МИА.
Според него, не станува збор за обични оштетувања како што се корозија или пукнатини, туку за сосема друг тип на оштетување и затоа, како што посочи, потребни се прецизни претпоставки за квалитетот на материјалите на мостот.