Недела на современ фински филм во Кинотека на Македонија

Кинотека на Македонија организира Недела на современ фински филм што ќе се одржи од 24 до 29 април. Селектор на филмовите е српскиот режисер Бојан Вулетиќ.

Ќе бидат прикажани шест филмови, пет играни и еден документарец, кои меѓусебно се разликуваат по теми и по форма. Филмовите претставуваат пресек на финската кинематографија во последниве две години, односно оној нејзин дел кој досега не сме имале можност да го гледаме на редовните кино-репертоари или на домашните фестивали.

Како што опишува селекторот Вулетиќ овој негов избор на филмови ќе ни даде можност да откриеме еден дел од Европа кој само навидум е далечен, скриен и студен, но во суштина е многу близок, исполнет со топлина, бидејќи потребата од љубов, пријателство, семејство, вистина, правда и храброст е универзална. „Возбудливи играни филмови, разични по жанр, од семејни драми до трилери и модерни вестерни во снег и мраз, кои се занимаваат со комплицирани семејни односи, обработуваат различни современи теми: од потребата за слободна љубов, предвременото созревање и недораснати родители, до убивање домашни миленици, одмазди и пријателства. Покрај играните, имаме и еден документарен филм, кој го следи осудениот воен злосторник од поранешна Југославија кој, за да продоложи со животот, мора да се сретне со своите жртви“, пишува Вулетиќ за селекцијата на Недела на современиот фински филм. А филмскиот критичар Стојан Синадинов пак ќе забележи дека „Најпрвин, тоа што веднаш се забележува е авторскиот пристап. Во сите филмови режисерите се и автори на сценаристичката предлошка. Темите кои се застапени во овој филмски избор се најчесто распадот на семејството, што би се рекло, по сите основи: емоционални, социјални, идеолошки… Тој актуелен „социјален ДНК“ на финското општество  е формиран во вителот на транзицијата на конзервативните средини кон модерност во изминативе децении, но финските автори имаат поширок ракурс на гледање.“

Програмата се реализира со помош на Амбасадата на Република Финска во Белград.