„Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска ќе учествува на Венецијанскиот филмски фестивал

Долгометражниот филм „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска ќе учествува на годинешниот Венецијански филмски фестивал. Станува збор за прво учество на нашата држава со мнозински проект, во една од официјалните натпреварувачки програми по речиси триесет години.

„Најсреќниот човек на светот“ е во натпреварувачката програма „Хоризонти“, а ќе се натпреварува со уште 18 до 20 филма, за наградите за најдобра режија, најдобар филм, најдобра машка или женска улога, најдобро сценарио и специјална награда од жирито.

Филмот е финансиран од Агенцијата за филм, во продукција на Лабина Митевска. Станува збор за копродукција меѓу Северна Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата е поддржана од Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, Еуримаж, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево.

Директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски на денешната прес-конференција посочи дека македонскиот филм ниже успеси, а доказ за тоа се, како што рече, бројните учества на реномирани фестивали, како и номинациите и наградите кои ги добиваат.

-Изминативе неколку години, македонскиот филм учествуваше на сите најзначајни фестивали, во Европа и сите позначајни фестивали на светско ниво. Но, не учествуваше со фразата „Битно е да се учествува“, туку освои големи значајни награди на истите овие фестивали, рече Лазаревски.

Според директорот на Агенцијата за филм, македонските филмаџии веќе имаат стил кој се препознава во светски рамки.

-Самата селекција во натпреварувачката програма на Венецијанскиот фестивал за „Најсреќниот човек на светот“ е огромен успех, сам по себе. Очекуваме пред сè одлично претставување, но се надеваме и на награди, бидејќи веруваме во овој филмски проект, додаде Лазаревски.

Продуцентката Лабина Митевска денеска информираше дека „Сестри и брат Митевски“ продукција ја продолжи соработката со еден од најголемите светски продажни агенти, францускиот „Пирамид“.

-Јас пред 30 години ја имав таа чест да бидам во Венеција со „Пред дождот“, а следната година беше „Прашина“ на Милчо Манчевски. Лично, имам многу силна сентиментална врска со Венецијанскиот фестивал. Таму, уште како тинејџерка, прв пат стапнав на црвениот килим и бев неповратно маѓепсана и досега се немав вратено со свој филмски проект и се разбира дека чувствувам неверојатна возбуда од самата помисла дека „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска ме носи повторно на Лидо, на еден од трите најзначајни и најпрестижни фестивали, изјави Митевска на прес-конференцијата.

Филмот се снимаше на локации претежно во Скопје во рок од пет недели, во просториите на Универзитетската библиотека „Св.Кирил и Методиј“, а недела дена во Сараево.

Дел од подготовките се одвиваа во Словенија, додека постпродукцијата се работеше во Данска, монтажа и обработка на звук и слика, и дизајнот на звукот во Белгија.

Во главните улоги се Јелена Кордиќ Курет и Аднан Омеровиќ, во споредна улога Лабина Митевска, потоа Ана Костовска и Николина Кујача, како и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева од Македонија во низа епизодни улоги заедно со Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ, Кемал Ризвановиќ од БиХ.

И овој пат на филмот работеше доминантна женска екипа. Косценарист на Теона е Елма Татарагиќ, директор на фотографија е Белгијанката Вирџини Сент Мартен, повторно десната рака на Теона е сценографот Вук Митевски, костимите на долгогодишниот соработник на Теона од Словенија Моника Лорбер и шминката на Мојца Горогранц Петрушевска. Монтажер на филмот е Пер Киркегард, од Данска, а дизајнер на звукот Ингрид Симон од Белгија. Кастингот е на Киријана Николовска, прв асистент на режија Раша Петровиќ, директор на филм Елена Станишева.

„Најсреќниот човек на светот“ е филм кој всушност говори за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да се може да се продолжи со животот во мир после војна. Сараево четири години беше под опсада и тероризиран со снајперски истрели со огромен број невини жртви. Овој филм говори за Асја, четириесет годишна жена која се пријавува на организиран настан за барање партнер. Таму се среќава со Зоран, нејзин врсник, кој е дојден да се запознае токму со Асја, но тој не е дојден таму во потрага по љубов.