Најдоброто од „Киненова“ повторно во Кинотеката на Македонија

Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ повторно ќе ги прикаже филмовите што ги понесоа наградите на овогодишното издание на фестивалот, но и филмови што предизвикаа силен интерес кај публиката и филмофилите.

Репризната програма се отвора в сабота во 20 часот со апсолутниот победник на годинашното издание на „Киненова“, филмот кој ги освои срцата на жирито, контроверзниот „Блискост“ на рускиот режисер Кантемир Балагов, кој ги доби трите главни награди во Скопје: најдобар филм, најдобро сценарио и најдобра режија.

Следниот ден, в недела, двојно кино-задоволство: од 18 часот ќе биде прикажан филм од перуанската кинематографија, наградуваниот „Ретабло“ на авторот Алваро Делгадо Апарисио, приказна која нè носи на прекрасните Анди и низ визуелно супериорен пејсаж ни раскажува за малите луѓе, кои секогаш со себе носат неоткриени тајни. Во 20 часот, како фино надоврзување, уште еден визуелен спектакл, големото пријатно изненадување од соседната, бугарска кинематографија, филмот „Ага“ на Милко Лазаров, кој пред само два месеца го освои „Срцето на Сараево“ на Сараевскиот филмски фестивал.

Билетите чинат 50 денари.