Најдобро платени работници во државата се компјутерските програмери, со плата од околу илјада евра

Најдобро платени работници во државата се компјутерските програмери. Со просечна плата за јуни, која според Државниот завод за статистика изнесува 56.587 денари, далеку зад себе ги оставија вработените во банките, фармацијата, енергетиката, кои долги години важеа за најдобро платени во државата.

Статистичките податоци покажуваат дека платите на вработените во дејноста компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности изминатава една година постојано се во пораст, па во однос на ланскиот јуни се зголемени за над 13 проценти, а последниот месец се зголемиле за дополнителни 1,3 проценти.

Веднаш зад петици на компјутерџиите им се вработените во воздухопловниот транспорт, кои традиционално се на листата на вработени со највисоки плати во државата. Тие во јуни годинава земале просечна плата од 56.023 денари, која за разлика од лани истиот месец била помала за скоро три проценти, но во однос на мај годинава се зголемила за безмалку осум проценти.

Овие вработени се единствни во државата чија плата надминува 50.000 денари. Меѓу добро платените во Македонија со просечна плата која надминува 40.000 денари се фармацевтите, банкарите, вработените во телекомуникациите. На листата на ДЗС има уште десетина занимања платени со повеќе од 500 евра.

На дното на списокот според висината на платите веќе не се ниту земјоделците, ниту текстилците, ниту кожарите, кои до неодамна како да ја имаа резервирано таа позиција. Најслабо платени, со плата која во просек едвај ја надминува минималната загарантирана во државата се рибарите со 12,6 илјади денари и вработените во заштитните истражни дејности со просек од околу 12.900 денари. Сепак, кожарите и текстилците и понатаму остануваат на дното, кожарите со нешто помалку од 15.000 денари и производителите на облека со околу 16.000 денари просечна плата.

Во однос на лани, во јуни годинава најмногу, за над 50 проценти се зголемени платите во дејноста вадење на други руди и камен, со што во јуни годинава се приближила до 40.000 денари. Најголем годишен пад на платите, од нешто помалку од 30 проценти ДЗР регистрира во правните и сметководствените дејности, каде во јуни просекот изнесувал нешто над 31.000 денари.
Државниот завод за статистика објави дека просечната јунска плата во државата изнесувала 24.203 денари и за разлика од ланскиот јуни била повисока за 6,1 процент.

– Ваквото зголемување се должи, пред се, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Рударство и вадење на камен (20.4%), Информации и комуникации (16.7%) и Преработувачка индустрија (14.7%). Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (14.0%), Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (11.3%) и Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (3.0%), соопшти Државниот завод за статистика.