Најчевска: Исмет Рамадани треба да одговара за поттикнување на етничка и национална нетрпеливост

Социјалните мрежи вријат по вчерашниот инцидент кој се случи во емисијата "Само вистина", кога новинарот и уредник на Канал 5 телевизија се уклучи во емисијата од дома и го избрка од студиото Исмет Рамадани поради националистички коментари поврзани со Албанците во Македонија.

На оваа тема се огласи и професорката Мирјана Најчевска која вели дека Рамадани треба да одговара за поттикнување на етничка и национална нетрпеливост, како и тоа дека дискриминацијата по овој основ е недозволив во едно современо општество.

"Исмет Рамадани треба да одговара за поттикнување на етничка и национална нетрпеливост.

Со тоа што Исмет Рамадани повикувајки се на минатото имплицираше дека сите етнички Македонци биле непријателски настроени кон Етничките Албанци (кои според него веќе не се "Шиптари" туку луѓе кои ја имаат власта), со тоа што изјави најексплицитно дека етничките Македонци ги потценуваат етничките Албанци и со тоа што наменски вади една реплика искажана од еден гостин во телевизијата кој повикал да се "згмечат Албанците", тој создава атмосфера на нетрпение и разгорува омраза на етничките Албанци кон етничките Македонци.

И не, етничката припадност не смее да биде заштита од било која критика и адут кој се вади при пососчување на криминалните активности на било кого во власта.

Во моментот кога етничките Албанци добија високи функции во власта граѓаните добија право да ги критикуваат и повикуваат на одговорност, не затоа што се етнички Албанци туку затоа што се на такви позиции од кои решаваат за правата на сите граѓани во Македонија.

Дискриминацијата врз етничка основа е недозволлива во едно современо општество, меѓутоа затскривањето на криминалот со повикување на наводна етничка дискриминација е облик на разгорување на нетрпеливост врз етничка основа.", стои во нејзината објава.

Професорката на друга објава пак го истакнува и фактот дека на овој начин се собираат поени за претстојните избори, како и дека Исмет е пратен за да направи меѓуетнички тензии за никој да не зборува за она што ни се случува пред нашите очи.