Над 11 илјади учесници утре ќе трчаат на најголемата македонска спортска манифестација Виз Ер Скопски

На најголемата спортска манифестација во Македонија, Виз Ер Скопски маратон, во недела, 01ви октомври 2023, во склоп на своето 19то издание, повеќе од 11.000 учесници се очекуваат да истрчаат низ скопските улици и да го исполнат главниот град со позитивна енергија.

Заклучно со 20ти септември, системот за пријавување на учесници брои точно 11.079 пријавени.

Овој спортски настан, којшто во организација вбројува повеќе од 400 лица, наредната година ќе го прослави својот 20ти јубилеј, а од година во година, пријавените учесници доаѓаат од сите страни од земјата, но и од Балканот, регионот и од целиот свет. Очекувано, секој учесник на Виз Ер Скопскиот маратон е љубител на трчањето, но со сигурност е и вистински и автентичен амбасадор на здравите спортски навики.

Како најочекуван датум во Македонија за сите вљубеници во трчањето, Виз Ер Скопскиот маратон, вбројувајќи ги трките – маратон (42.195 км), полумаратон (21.097 км), штафетен маратон, „ЕУ за спорт“ (10км - 11км - 10км - 11км), како и трката за рекреативци на 5км, која е и најмасовната трка од сите, - оваа недела ќе започне точно во 08:00 часот.

Организаторите апелираат до сите тркачи добро да се информираат од која страна да пристапат во недела на стартната линија, затоа што ќе има разминувачки старт.

Секој пријавен учесник ќе може да го подигне својот стартен пакет единствено од 29ти до 30ти септември 2023 на Маратон и Спорт Експо 2023, во Спортскиот Центар „Јане Сандански“ во населбата Аеродром во Скопје. Подигнувањето на пакетот ќе може да се изврши само со документ за идентификација или потврден мејл од пријавата, а на 1ви октомври 2023 во недела, на денот на трките, нема да биде овозможено издавање на стартни пакети.

Воедно, Јуроп хаус Скопје ги поканува сите спортски ентузијасти и поддржувачи на маратонот, во недела од 9:30 до 14:00 часот да им се придружат во нивната фан зона, сѐ со цел да се бодрат учесниците и да учествуваат во уникатната работилница за цртање патики со илустраторот Dreadpen, како и во музичкиот настап на Емили Нас. Фан зоната ќе се постави пред канцелариите на Европската Делегација во Скопје, каде ќе има и ретро фото кабина за присутните да креираат забавни селфи фотографии. Сите детални информации за пријавување во работилницата за цртање патики, можат да се најдат на социјалните канали на Јуроп хаус Скопје.

Учесниците на маратон, полумаратон и штафетната трка, на стартот ќе бидат распоредени во 4 стартни боксови според соодветно одбраното таргет време, при процесот на пријавување. 

А пак учесниците на трката на 5км, ќе бидат распоредени во засебни стартни зони, означени во зоната на старт со името на трката.

Таргет времињата за маратон се следни: бокс 1 - таргет време под 3:10:00, бокс 2 - таргет време од 3:11:00 до 3:30:00, бокс 3 - таргет време од 3:31:00 до 4:00:00, бокс 4 - таргет време над 4:01:00. Таргет времињата за полумаратон се следни: бокс 1 - таргет време под 1:40:00, бокс 2 - таргет време од 1:41:00 до 1:50:00, бокс 3 - таргет време од 1:51:00 до 2:00:00, бокс 4 - таргет време над 2:01:00.

За штафетните измени 1 и 3, правилата се следни, - на штафетна измена бр.1  чека натпреварувачот на кој стартниот број му завршува со 2. На штафетна измена бр.3 чека натпреварувачот на кој стартниот број му завршува со 4. (бул. Димитрие Чуповски - пред гимназијата Јосип Броз Тито). А на штафетната измена бр. 2  чека натпреварувачот на кој што стартниот број му завршува со 3 (бул. Димитрие Чуповски - карши Центар Бар).

Тркачите на маратон, полумаратон, штафетниот маратон „ЕУ за спорт“, ќе тргнат од кај старата Градска општа болница, ќе поминат низ плоштад „Македонија“ и од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов се упатуваат кон Хром. Учесниците на 5км, својата трка ќе ја започнат од „Рекорд“, кон Булевар Трета Македонска Бригада. Финишот односно целта за сите трки е низ Порта Македонија на Плоштад Македонија.

Поточно, за маратон, полумаратон и штафетната трка, стартот на трката ќе биде на улицата 11 Октомври, пред Собрание на Р. Македонија и ќе тргне во правец кон Плоштад Македонија низ Порта Македонија. Од плоштадот натпреварувачите се упатуваат од страната на кафе бар Тренд на улицата Никола Вапцаров, каде ќе продолжат по Димитрие Чуповски сѐ до раскрсницата со бул. Климент Охридски, каде вртат лево и се движат до крстосницата кај Нова Македонија. Потоа вртат десно на бул. Свети Кирил и Методиј, од каде по излегувањето од кружниот тек кај Католичка црква, се приклучуваат на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов. Се трча до крај на овој булевар и потоа се продолжува право по ул. Васил Чакаларов и по семафорите во нас. Хром се врти полукружно и се враќаат во правец кон Центар по истите улици и булевари. При враќање кај Собрание на РМ, продолжуваат по улица 11 Октомври кон Црвен Крст и вртат на Тутунски комбинат лево на бул. Крушевска Република и десно на Трета Македонска Бригада и се движат сѐ до раскрсницата со бул. Србија, каде натпреварувачите вртат лево, влегувајќи во спротивен правец на бул. Србија и се движат до раскрсница со бул. Јане Сандански, каде исто така вртат лево во спротивен правец и се движат до раскрсницата со Васко Карангелевски (Сансет), каде вртат полукружно и се враќаат по истите улици се до Плоштад Македонија.

Трката на 5 километри стартува од пред Собрание на РМ (на Рекорд) во правец на Црвен Крст. Tркачите вртат кај Тутунски комбинат лево на бул. Крушевска Република и десно на Трета Македонска Бригада, сѐ до раскрсницата помеѓу 3та Македонска бригада и Коста Новаковиќ. Потоа натпреварувачите вртат полукружно и се враќаат до Плоштад Македонија.

Сообраќајот во недела, долж патеката на Виз Ер Скопскиот маратон, ќе биде затворен од 07:30 часот сѐ до 13:30 часот.

Организаторите уште еднаш ги повикуваат сите, да дојдат на патеката во недела и да ги бодрат и поддржат натпреварувачите, затоа што позитивната енергија, да, ја делат тркачите, но и сите мали и големи посетители, кои со креативни транспаренти и оваа година се очекува да ги бодрат натпреварувачите. Бројните транспаренти, кои со сигурност ќе измамат насмевки на лицата на тркачите и јавноста, како и секоја година ќе бидат лоцирани, а кои ќе бидат прогласени како најдобри, ќе се објави дополнително по настанот.

Дали ќе се срушат нови рекорди оваа година на Виз Ер Скопскиот маратон, ќе открие неделното утро.

Повеќе информации за 19. Виз Ер Скопскиот маратон можат да се најдат на официјалната веб страница: http://skopskimaraton.com.mk/.