На туристичките автобуси на Матка ќе им се наплаќа влезница

На туристичките автобуси на Матка ќе им се наплаќа влезница, а штом ќе ги истоварат патниците автобусите ќе се пренасочат на паркинг каде што ќе ги чекаат патниците додека шетаат. Ова е една од опциите што Град Скопје заедно со Општина Сарај ја разгледуваат со цел да се реши сообраќајниот хаос во спортско-рекреативниот центар “Матка” присутен особено за време на викендите. Во моментов туристичките автобуси се паркираат на малиот простор над трибините за кајак и се создаваат големи гужви, пренесува Вечер.

-Очигледно е дека овој мал простор над трибините за кајак кој во моментов се користи како паркинг е сосема недоволен. Мојата желба е влезот на автобусите да се наплаќа и после истоварањето на патниците, автобусите ќе треба да заминат на паркинг затоа треба да им обезбедиме паркинг. Не постојат такви бисери во светот каде може да влезете и да ги оставите автобусите. Може да влезете да ги оставите патниците и да заминете и потоа да се вратите. Тоа е основата на коцептот кој го работиме со општина Сарај за намалување на сообраќајот. Во непосредна близина ни е езеро Треска од друга страна има делови кои не се дел од Матка кои може да бидат уредени како паркинг простор. По имплементирање на овој систем во Матка влезот на автобусите ќе се наплаќа и нема да може да го користат овој паркинг автобусите туку ќе бидат насочувани кон други паркинг места , посочи скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Тој вели дека се уште е рано да се зборува која зона ќе биде Матка и овој концепт како што потенцираше се однесува само автобусите, а не и на автомобилите. Во текот на целата недела, а особено за викенд се организираат еднодневни екскурзии до Матка.