На кафе со Др. Владимир Ристовски

Специјалист по интерна медицина, супспецијалист по кардиологија, докторант по клиничка медицина , вработен  во ГОБ “ 8 Септември”.

Доктор Ристовски веќе шест месеци се соочуваме со глобална пандемија, но овој есенско-зимски бран зема секојдневно се поголем замав, дневните бројки на заболени се навистина загрижувачки. Како е во моментов ситуацијата во ГОБ “ 8 Септември”?

Како резултат на континуираниот пораст на  новозаболените од КОВИД- 19 така се зголемува и бројот на хоспитализирани пациенти не само во нашата установа туку и во останатите болници. Секојдневно се бориме со бројот на новозаразени пациенти и потребата за нивна хоспитализација со оглед дека местата за овие болни се ограничени во нашата болница, не согласно просторните можности,  туку согласно можностите на медицинскиот кадар да ги згрижи  и да ги третира сите пациенти подеднакво според протоколите за лекување. Имаме константен притисок да се отворат нови оддели, во нашата болница се носат и хоспитализираат најтешките пациенти, но бројот на лекари и сестри е ограничен со оглед дека целокупниот терет е на колегите од интерното одделение.

 Од месец март постојано работите со пациенти позитивни на вирусот, а извршувавте и извршувате кардиолошки инвазивни  интервенции на пациенти кои имаат потреба од вакви зафати. Од вашето досегашно искуство како COVID-19 влијае на срцевите заболувања?

Целиот овој период работиме и со позитивни или суспекти КОВИД-19 пациенти, но секако и со пациенти кој не се заразени со овој вирус, а за кој е потребна кардиолошка интервенција. Пациентите со срцеви заболување се водечки во бројот по заразени со вирусот SARS-Cov 2  во однос на тежината на патологијата на самото заболување, тоа се пациенти кој што развиваат потешка клиничка слика на болеста во однос на останатите пациенти кој што немаат некое кардиоваскуларно заболување. Самото заболување освен што ги зафаќа белите дробови, може да направи и воспаление и на срцевиот мускул и да предизвика негово слабеење, може да предизвика и миокарден инфаркт , но неретко самиот вирурс предизвикува и септични состојби при што ги напаѓа сите органи.

Колкава е веројатноста позитивните пациенти, кои од претходно имаат кардиоваскуларни проблеми да развијат срцеви компликации? Дали COVID-19 може да предизвика срцев удар?

Секако дека може да предизвика срцев удар, таа хиперкоагулабилност ( прекумерно згрутчување на крвта)  што ја предизвикува вирусот при самото воспаление на белите дробови или други органи  може да придонесе да создавање на тромби и дисеминација на тромбите низ целиот организам. Доколку тромбот навлезе во крвните садови кој што го хранат срцето предизвикува срцев удар.

Имаме третирано преку 150 пациенти  кој што биле КОВИД -19 позитивни  каде што таа хиперкоагулабилна состојба била причина за акутен миокарден инфаркт на кој што им е поставен стент и она што загрижувачки  имаме и многу млади пациенти околу 30-та година на животот кој што биле третирани.   

Покрај срцевиот удар друга честа компликација е и воспаление на срцевиот мускул.

Дали е од витално значење редовно да се следи крвниот притисок заедно со преземањето на основните мерки на претпазливост против COVID-19 во случај пациентите да страдаат од хипертензија?

Редовно користење на терапијата за хипертензија препишана од страна на кардиологот  и контролата на крвниот притисок е од круцијално значење за овие  пациенти. Имаше порано поврзаност дека пациентите кој што користат лекови од групата на АКЕ инхибитори во лекување на артериската хипертензија имаат поголем ризик да заболат од КОВИД-19, што апсолутно не е точно, тоа се потврди со многу студии во Англија и САД, имаше одредена паника од пациентите дали да го користат тој лек . Затоа препорачувам редовно и навремено користење терапијата за покачен крвен притисок  и негово често мерење.

Кој е вашиот совет до луѓето со срцеви заболувања, кои се мерките на претпазливост кои се потребни да ги преземат?

Потребен еден порационален пристап во справувањето со овој вирус.

Секако дека треба да се спороведуваат пропишаните мерки (социјално дистанцирање, носење маски на лицето таму каде е тоа потребно, дезинфекција  на јавните простори, честата хигиена на рацете  итн.), но мислам дека е подеднакво важно справувањето со хроничните заболувања и состојби како покачениот крвен притисок, дијабетесот, состојбите после прележан инфаркт и мозочен удар, заболените од малигни заболувања. 

Би сакал да истакнам дека овие пациенти мораат редовно да се контролираат и да бидат под лекарски надзор, затоа треба да се овозможи и работа на амбулантите за да се контролираат овие пациенти, а не целото внимание да се сврти кон пациените со КОВИД -19.

Стравот од зараза не треба да биде причина да се одбегнуваат редовните лекарски прегледи и контроли.

Докторе, товарот врз здравствените работници е голем, од појавата на првите позитивни случаи во земјата сте целосно посветени на работата и грижата за здравјето на граѓаните. Како се опуштате по долгиот напорен работен ден? Дали успевате да најдете време за себе и на кратко да ги тргнете мислите од целата оваа ситуација и сите случувања во болницата?

Оваа година е особено тешка за сите здраствени работници, се надевам и оптимист сум дека со воведувањето на вакцинацијата ќе се стави под контрола и нејзиното ширење.

 Главна релаксација и преокупација ми се ќеркичката и двајцата батковци кој што се неминовни двигатели  на мојот  живот  заедно со сопругата.  Времето поминато со нив, споделување на нивната радост и среќа  придонесува да се заборават сите лоши моменти кој што ми се случуваат на работното место, заборавам на тешкиот и напорен ден само со една нивна прегратка  кога ќе се вратам дома.

Го користам секој момент со нив за прошетки на чист воздух ,подалеку од гужвите и градската врева колку што ми дозволува времето.