МНТ ја почнува сезоната со претставата „Еден месец во село“, Паоло Маџели по 30 години во Скопје

Со претставата „Еден месец во село“, Македонскиот народен театар ќе ја почне новата сезона. Делото е напишано од рускиот писател Иван Сергеевич Тургенев, а го режирал Паоло Маџели. Во МНТ ќе се изведува на 29 септември.

Претставата, која е трагикомедија, се работела девет месеци, а во делото се раскажува селска приказна каде што Наталија, сопруга на богат човек, и младата Верочка се вљубуваат во истото момче, студент, учител на синот на Наталија. Така скроената ситуација Тургенев ја полни со разни љубови, односно љубовни обиди. За некои ликови таа љубов е извор на надеж за подобра иднина, за некого е занес во кој привремено се губи себеси, некој љуби од навика, друг се согласува со целата илузија, а трет благодарение на љубовта повторно се чувствува жив.

Режисерот Паоло Маџели, кој по 30 години се враќа да работи со МНТ, вели дека не е лесно да се работи текстот од Тургенев бидејќи тој лесно може да се банализира.

„Возбуден сум бидејќи во Скопје доаѓам по 30 години. Деновиве водев интензивен дијалог со овој град, а тоа ќе остане моја тајна, која е мрачна. Се надевам дека овдешниот театарски свет ќе има можност да се покаже и докаже. Среќен сум што се враќам во МНТ“, вели Маџели.

Авторот на музиката, Љупчо Костадинов, рече дека музиката ќе се изведува од самите актери, а процесот на работа не бил воопшто лесен. Актерот Ѓорѓи Јолевски, кој ја игра улогата на богат земјопоседник, вели дека првпат се сретнува со автор како Тургенев и го споредил со Чехов. Јолевски бил внимателен додека го градел ликот, а рече и дека со актерската екипа, која ќе ја изведува претставата, може да се рушат кинески ѕидови.

„Ликот што го играм е комплициран, ситуациите почнуваат комично, а завршуваат трагично. Секоја сцена е поинаква. Ова е трагикомедија која има силни последици врз самите актери. Таа е политичка бидејќи сцената е еден клавир ставен во сено, а претставува како целиот процес на европеизација е заглавен во трски“, рече Јолевски.

Меѓу актерите се и имињата на Сашко Коцев, Никола Ристановски, Тина Трпкоска, Дарја Ризова, Лука Софрониевски, Димитар Илијевски, Александар Цветковски, Дамјан Цветановски. Нино Леви, кој во претставата игра ролја на сосед, вели дека додека работел на претставата, го усовршил свирењето на гитара.

„Она што не ми успеа изминативе години, ми успеа сега. Ослабев 5 килограми“, рече Леви.

Младите актерски имиња беа воодушевени од работата со искусните колеги и режисерот на претставата, Паоло Маџели. Стефан Спасов вели дека работел на четири претстави во МНТ, а со подготвувањето на „Еден месец во село“ тој запознал многу нови колеги и стекнал нови искуства. Дека претставата била исполнета со многу љубов, говореше актерката Ана Стојановска, која ќе глуми слугинка.

„Со Паоло Маџели работев пред 30 години. Многу сакав да го повторам искуството. Драмски го испушти од раце, МНТ беше паметен, па го врати назад. Сите ќе се воодушевите од претставата и целата глума“, вели актерката Катерина Коцевска.

На сцената за време на преставата ќе проаѓаат луѓе што ќе се обидуваат да размислуваат, да мечтаат и да живеат. Ќе се обидуваат да се борат и да се надеваат. Тие истовремено ќе се тажни и смешни бидејќи условите во кои се среќаваат и во кои пропаѓаат нивните различно доживеани љубовни (не)прилики се тесни и досадни.

Премиерата на „Еден месец во село“ ќе се одржи на 29 септември, а првата реприза на 2 октомври во Македонскиот народен театар.