„МКЦ за Скопје“ за 56-годишнината од земјотресот

Младинскиот културен центар  се влучува во одбележувањето 56 години од скопскиот земјотрес со програма од повеќе содржини насловена „МКЦ за Скопје“ во паркот на МКЦ.  Ќе почне во 18.30 часот со детските работилници  „Мојот град, моето омилено место“ на уметникот Доротеј Нешоски и „Пишуваме-илустрираме: Моето Скопје“ на писателката Билјана Црвенковска.

Потоа следуваат слушачки промоции на ЛП-компилациите „Колку гласно морам да викнам за да ме чујат?“ и „Има ли забава – Macedonian new wave 1981-1985“ од Тошо Филиповски, како и промоција на неговата нова книга „Македонска дискографија – винили (1958-2019), прв том“ со презентација на 333 грамофонски плочи односно 250 винилни изданија (самостојни и заеднички) на македонски музичари и бендови.

Од 22 часот до полноќ ќе има музичка програма со настапи на Светлост, Јордан Костов Трио и Роботек, а во 00.15 ќе почне проекцијата на филмот „Ослободување на Скопје“ во режија Данило и Раде Шербеџија во рамки на „Кино на трева“ – петдневна програма на бесплатни филмски вечери во паркот на МКЦ.

– Мултимедијалниот културен настан „МКЦ за Скопје“ традиционално се одржува на 26 јули со цел да нѐ потсети на солидарноста и хуманоста на скопјани, соопшти МКЦ.