Хаос во годишната програма на Министерството за култура која беше објавена денеска. Укинати се бројни музички манифестации, анонимни лица и фирми ќе добијат огромни средства од буџетот за култура на сметка на видни манифестации, како на пример „Таксират“, каде што буџетот е видно намален.

Скопскиот џез-фестивал и фестивалот „Оффест“ биле отфрлени на конкурсот, што значи дека под знак прашалник се доведува нивното одржување. И сето ова е само во делот на музичко-сценската дејност, за што реагираат бројни и долгогодишни музичари и организатори на културни манифестации.

„За жал, она што се очекуваше со годинешниве резултати се случи! А се случува една голема попара таму и сето тоа како резултат на политичкиот пазар и ‘примопредавање’ на културната штафета на друг партиски субјект. Резултатите се некомплетни и повторно се отвораат прашања од типот ‘по кои критериуми се вреднувани проектите и учесниците’“, вели за „Макфакс“ музичарот Петар Младеновски, фронтмен на „Суперхикс“.

Тој вели дека на листите има тотални анонимуси „наградени“ со десетици илјади евра за нивните проекти, додека докажани манифестации, кои се одржувале со декади, се тотално исфрлени.

„Да не зборуваме дека она ‘култура за сите’ на терен не дава резултати. Еве конкретно од областа на рокенролот (па и останати урбани музички уметности) јас речиси и не гледам проекти. Тешко нам ако сакаме со вакви резултати да станеме културна престолнина. Селективна култура“, вели тој.

Колку за пример, најмногу пари годинава во овој сегмент има добиено Здружението „Артал“ од Тетово, вкупно 3,5 милиони денари или 56 илјади евра за фестивал „Меридианс“ и за концерт „Класик и рок мјузик“. Наспроти ова, скопскиот „Таксират“ добил само 500 илјади денари, иако барале 6 милиони. Исто толкава сума колку и „Таксират“ добило здружението „Елизиум“ со концерт со млади во Тетово.

За одржување на познатиот Џез-фестивал Куманово одобрени се само 200 илјади денари, а наспроти ова, Џез-фест Тетово добива 1,5 милиони денари.

За концерти на Влатко Стефановски и Мирослав, 21 година од издавање на албумот „Крушево“, одобрени се само 250 илјади денари, иако биле побарани над 2 милиони денари.

Етно-групата „Синтезис“ биле одбиени за финансиска поддршка да настапуваат во Австралија, а одбиени биле и пари за одржување на Скопје џез-фестивал и познатиот „Оффест“.

Директорот на Скопје џез-фестивалот, Оливер Белопета, за „Макфакс“ изјави дека е во шок по објавата на Министерството за култура.

„Се шокирав ноќва. Тоа што неофицијално го дознавме како образложение за џез-фестивалот, кој е фестивал од највисок ранг во државава, апсолутно не држи. Се работи за некои лични интереси на еден човек во Комисијата за музичко-сценска дејност. Ние за почеток ќе се жалиме и ќе побараме изземање на комисијата. Место да се занимаваме со подготовка на програмата на фестивалите, ние сме принудени да правиме преписки за дилетантизмот во министерството“, изјави Белопета и  најави дека детално ќе разгледаат програмата и ќе излезат со официјален став.

Бројни се реакциите на социјалните мрежи и за останатите дејности, како за драмската и издавачката дејност, каде што пари од буџетот за култура се доделувани на анонимни лица, и тоа во повеќе наврати.

„Поголемиот дел од проектите од организации кои со години пливаат низ ова трусно подрачје се одбиени или добиваат минимална поддршка. Ова е сериозен удар врз културата бидејќи проектите не добиваат речиси никаква поддршка“, вели преведувачот и новинар Ненад Георгиевски.

Учесниците на годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2019 година имаат право на жалба, која не го одлага извршувањето.