Министерката за образование го запишала синот во приватно училиште

Министерката за образование и наука, Рената Тренеска-Дескоска, го запишала синот во приватно школо. Последниве две недели, откако почна учебната година, јавноста сè погласно коментира дека министерката дава негативен личен пример со тоа што го запишала своето дете во приватна гимназија. Таа, пак, вели дека нема простор за обвинувања и детално ги објаснува причините за таквиот став.

„До мене не се стасани негативни коментари и лично мислам дека нема простор за некакви обвинувања. Напротив, ако јас имав лични дилеми околу одлуката која ја донесе мојот син и уписот кој е направен уште пред да стапам на функцијата, од моментот на преземање на функцијата за мене е големо олеснување  што направи таков избор. Мојот син заврши основно училиште како најдобар ученик во едно основно државно училиште и на крајот беше прогласен за ученик на генерацијата. Во текот на школувањето учествуваше на општински, регионални и државни натпревари по физика и математика на кои добиваше и награди. Двапати беше наградуван за неговите особени постигнувања како ученик од страна на градоначалникот на нашата Општина кој беше од ВМРО-ДПМНЕ“, вели министерката Тренеска-Дескоска.

Таа нагласува дека кога нејзиниот син почнал да размислува за средно училиште, решил да се пријави за стипендијата „Борис Трајковски“ во гимназијата „НОВА“ и за стипендија во „Јахја Кемал“. Во конкуренција од 180 ученици, на анонимно тестирање по англиски јазик и математика во „НОВА“, министерката вели дека ги поминал сите селекциони кругови и влегол во изборот од 8 ученици кои биле повикани на интервју. По интервјуто му било понудено да се запише таму со стипендија која, според министерката, опфаќала значајно намалување на школарината. Успешно го поминал и тестирањето и во „Јахја Кемал“ и стипендија му понудиле и од таму, а по објавувањето на резултатите од државниот натпревар по физика од основното училиште во коешто учел, им јавиле дека има понуда да се запише со стипендија во некое трето приватно училиште.

„Со оглед на тоа што резултатите од учењето и тестирањето беа лично негови, понудите за стипендии од различните училишта сам си ги ‘извојува’, логично беше да го има главниот збор во одлуката за своето натамошно школување. Јас во тој момент не бев ни министер ‘во најава’. Кога бев предложена и избрана за министер за образование, за мене беше олеснување што син ми  веќе имаше избрано да учи во една независна и неутрална средина каде нема да има дилеми дека сам си е заслужен за своите резултати и оценки. За мене, а и за него е подобро да учи во училиште кое е во независна позиција во однос на Министерството за образование и наука, да биде оценуван од наставници чии плати не ги потпишувам јас, чие вработување и статус не се во моите ингеренции. Не сакам да има никаква дамка, ниту моја сенка на неговите оценки и постигнувањата затоа што ги знам неговите капацитети, можности и посветеноста“, рече министерката.

На прашањето како ќе ги убеди другите родители на средношколци дека државното школство е доволно добро за нивните деца, откако самата за своето дете одбрала приватно школо, Тренеска-Дескоска вели дека има солидни училишта, но потребни се реформи во образованието.

„ Ситуацијата во образованието во Македонија не е ‘розова’. Секако има и многу посветени наставници и солидни училишта. Притисокот за упис во одредени средни училишта оваа година и потребата од одобрување на дополнителни места за упис е своевиден показател за нивниот рејтинг. Но, има и проблеми. И учениците и родителите и наставниците  се свесни за тоа. Јас од првиот ден на стапување на функцијата јавно зборувам за потребата од реформи во образованието. Тој процес нема да е ни лесен, ни едноставен, но чувствувам дека постојат енергија и желба во општеството за ангажман на многу засегнати лица да помогнат и да се вклучат во реформите. Тоа уште повеќе ме охрабрува во моите заложби да создадеме услови за квалитетно образование во Република Македонија“, вели министерката Тренеска-Дескоска.