Марин: Има куп тревници низ општината, не може да се стопираат градби

Градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, за „Макфакс“ вели дека не може да промени ништо ако деталните урбанистички планови се донесени на законски начин. Тој тврди дека не може да ги стопира градбите со мораториум по примерот на Oпштина Центар бидејќи тоа не е законски. Марин не може да ја стопира ниту градбата кај Реонски центар, која е на државно земјиште, а гради државно јавно претпријатие. Тој вели треба да се има предвид дека од градбите се полни буџетот на Oпштината.

„Иако Oпштина Центар донесе одлука за мораториум, таква можност не постои според закон. Имаме и една разлика, касата на општинстиот буџет 70% се полни од комуналиите што се плаќаат за изградба на зградите. ДУП-овите се донесени, ние не можеме да ги смениме“, вели Марин. „Kако граѓани може да не ни оди во прилог да се гради низ Аеродром, но за да има нови капитални објекти, мора да го направиме тоа, односно сè додека не се смени Законот за финансирање на локалната самоуправа“.

Експанзијата на градење објекти во Аеродром и уништувањето на парковите Марин ја стимулирал со 500 садници, и вели дека во идниот период  ќе има јавен повик за засадување нови 1500 садници.

„Дрва се садат на земја, не се садат на зграда. Секаде каде што има зелена површина ќе засадиме дрва. Има еден куп тревници низ општината. Граѓаните велат дека нема, но ако излеземе ќе ги видиме зелените површини. Можеби не се пошумени, ама тоа е“, вели Марин за  „Макфакс“.

На парцела каде што требаше да изгради игралиште во близина на Тобако 2, моментално се гради зграда. Според градоначалникот на Аеродром, тоа не е спорно бидејќи е приватно земјиште, а игралиштето е преместено преку пат.

„Во општина Аеродром се исечени само две дрва“, тврди Марин.

Марин вели дека граѓаните можат да го критикуваат кога тој ќе ги носи ДУП-овите, а истите не се во согласност со потребите на граѓаните, за подобри услови за живот.

„Изминативе години се направија 90, а сега се градат 2-3 згради. Сами ќе излезете надвор и ќе видите дали има место да се гради, освен на локациите што се оставени. Аеродром ќе се шири во пределот на Горно и Долно Лисиче, овој предел не го пипкаме повеќе со нови градби“, вели градоначалникот.

Златко Марин не одговори конкретно зошто ветил стопирање на градежната мафија во Аеродром, иако уште во предизборниот период знаел дека ДУП-овите не може да се сменат.

„Ревидираме ДУП-ови, гледаме законска можност да бидат поништени. ДУП-от И10  е  даден  на Уставен суд. Кога ние ќе изработуваме нов ДУП, може да разговараме за ова“, одговори Марин коментирајќи ги своите ветувања.