На официјалната страница на социјалната мрежа Фејсбук на францускиот претседател Емануел Макрон се појави честитка на македонски јазик, упатена до новоизбрата претседателка на Македонија, Гордана Силјановска Давкова.
В недела таа треба да биде инаугурирана од Собранието по што и официјално ќе стане првата жена претседател на Македонија.
- Се отвора нова страница кај нашите македонски пријатели. Ја поздравувам храбрата посветеност на Стево Пендаровски, а на Гордана Силјановска Давкова ѝ ги упатувам моите срдечни честитки за изборот за претседател. Франција останува на страната на Северна Македонија за да ја придружува во реформите и нејзината европска иднина, напиша Макрон на Фејсбук.
- Вашата поддршка се надевам ќе го отвори патот на Македонија кон Европа, а она што можам да се заложам е дека ќе градам консензус за реформи кои ќе им овозможат на македонските граѓани да живеат европски, напиша Силјановска Давкова во одговорот до Макрон во кој се заблагодари за поддршката и честитките.