Македонски џентлмени на мотори во хумана мисија за борба против рак на простата

Да се биде дел од глобалното движење The Distinguished Gentlemans Ride е привилегија, а Скопје ја има таа чест трета година по ред на 30 септември да го организира дефилето на кое урбани моторџии облечени во елегантна облека и уникатни мотори ќе дефилираат низ градските улици, обидувајќи се да ја подигнат свеста кај мажите за сопственото здравје и да соберат финансиски средства за борба против рак на простатата.

Движењето започна во 2012 година во Сиднеј кога Mark Hawwa облечен во фин машки костум заедно со свои пријатели одлучи во чест на негов пријател кој не ја доби битката со ракот на простата да продефилира низ улиците.

Движењето зема замав и од година во година е се поголем бројот на учесници и градови кои се приклучуваат. Така, во 2013 година, 11 илјади моторџии во 145 градови се приклучија кон движењето и беа собрани 277 илјади американски долари, а веќе во 2017 година се зголемува бројот на учесници на 94 илјади, а бројот на градови ја достигна бројката од 581 во 92 држави ширум светот. Притоа се собрани 12,5 милиони долари за истражувања и програми за рак на простатата и останатите машки болести.

Игор Стефановски и Благоја Петровски, кои се креатори на идејата Скопје да стане дел од ова глобално движење, велат дека на почетoкот било тешко, но оти желбата да се поддржи едно вакво хуманитарно движење била мотив да се продолжи понатаму.

- Иницијативата пред се беше љубовта кон моторите, а причината зошто го одбравме овој тип на настан е поради спецификата на моторите кои се возат, како и специфичната кауза на настанот. Идејата на настанот е да се разбуди свеста за борба против машките болести и самоубиствата како последица од овие болести, да се анимира јавноста за превентивните прегледи, како и да се соберат средства за овие болести, појаснуваат Стефановски и Петровски.

Покрај уникатните мотори кои можат да се видат за време на настанот, се промовира и еден урбан начин на облекување кај мажите, а во основата на сето ова се провлекува хуманата димензија.

Настанот се организира секогаш последната недела од септември според одредени правила и мора да има одлики кои се специфични за самото движење како уникатни мотори и елегантен дрес код составен од палто, вратоврска, елек, елегантни чевли и задолжително кацига за безбедност.