Македонците под лупа: Борисов нареди проверка на бугарските пасоши издадени на странци

Бугарскиот премиер Бојко Борисов побарал од бугарското министерство за внатрешни работи и од Државната агенција „Национална безбедност“ да спроведат проверка на издадените бугарски документи за идентитет на странски државјани, а на мета ќе бидат документите издадени во последниве пет години.

Наредбата доаѓа по големиот скандал во Бугарија во кој било откриено дека функционери земале пари за издавање пасоши.

Според информациите од Бугарија, во периодот меѓу мај 2017 и мај 2018 година 17.793 лица побарале бугарско државјанство, а од нив најголем број се Македонци.

Министерката за правда Цецка Цачева неодамна соопшти дека околу 10.000 од овие барања биле од македонски граѓани.

Борисов наредил резултатите од ревизијата да бидат достапни што е можно поскоро и да му бидат лично доставени.