„Локо Транс“ ќе инвестира 20 милиони во логистички центар во Македонија

Железничкиот гигант „Локо Транс“ од Чешка, ќе инвестира 20 милиони евра во Македонија. Во моментов, од компанијата разгледуваат можност за купување или закупување на земја, на која подоцна планираат да изградат логистички центар. Центарот ќе биде наменет за опслужување на земјите од регионот. Чешкиот гигант со сдеиште во Брно, веќе има еднаш инвестирано во Македонија и тоа пред 5 години. 

Инвестицијата ќе отвори околу 600 работни места, во неколку фази. „Локо Транс“ ја одбрале Македонија поради географската стратешка местоположба и поврзаноста со коридорите 8 и 10. Пресудно било и тоа што Македонија понудила квалификувана работна сила за железничкиот инженеринг. 

Логистичкиот центар во Македонија, примарно ќе опфаќа работилница за одржување на железничкиот возен парк и контејнерски терминал. Во втората фаза, се очекува и изградба на погон за производство на вагони, која ќе биде прва во Македонија. Дури и работилницата за одржување ќе претставува новитет на Блаканот, бидејќи во регионот нема сертифицирани компании кои вршат ваква дејност.

Документацијата во врска со изградбата на инфраструктурата  се очекува да биде комплетно набавена веќе во првиот квартал на 2017, за потоа истата да биде реализирана за период од 12 месеци.