Локални избори 2021: Важни информации за сите гласачи

Гласањето на локалните избори започнува во 7:00 часот и трае непрекинато до 19:00 часот. Ако гласањето биде прекинато подолго од еден час, тоа ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.

Во 19:00 часот гласачките места се затвораат. На избирачите затекнати во објектот каде што се гласа им се овозможува да гласаат. Гласачкото место на кое гласале сите граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список може да се затвори и пред 19:00 часот, по претходна согласност од надлежната ОИК, но не отпочнува со броење на гласовите пред 19:00 часот.

Записниците и другиот изборен материјал, избирачкиот одбор ги доставува до Општинската изборна комисија, односно Изборната комисија на градот Скопје, во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Изборниот материјал до ОИК го доставува претседателот на ИО во придружба на заинтересирани членови на ИО или претставници на подносителите на листите и претставници од полицијата, ако за тоа има потреба.

Првпат на Локалните избори 2021 во процесот на гласање се применуваат уреди за биометриска идентификација на гласачите. За потребите на 3480 избирачки одбори ДИК од германската компанија „Дермалог“ набави 4000 терминали.

Со уредот за биометриска идентификација на гласачите управуваат само претседателот или заменик претседателот на Избирачкиот одбор кои ќе имаат посебни картички што се дел од доверливиот избирачки материјал и се чуваат во избирачкото место. Доколку тие се отсутни, со уредот управува лице од администрацијата определен со мнозинство гласови на присутните членови на избирачкиот одбор.

По отворањето на гласачкото место, покрај стандардната проверка на просторијата и целокупниот доверлив и недоверлив изборен материјал се врши и проверка на фукционалноста на уредот. При вклучување на уредот се најавува лицето што ќе управува со него, се избира јазик што ќе се користи и се печати извештај со моменталната состојба на податоците во уредот.

На екранот на уредот за биометриска идентификација на гласачите треба да се бидат прикажани следните податоци: Избори и датум на избори, моментално време, општина, број на избирачко место, вкупно регистрирани гласачи, вкупно гласачи кои гласале, распределба по род на гласачи кои гласале. Уредот треба да даде и податоци одзивот на гласачите во време на гласањето во интервал не подолг од два часа.

Уредот се активира за идентификација на гласачите со започнување на гласањето во избирачкото место.

Личниот идентитет гласачот го докажува со важечки лична карта или патна исправа односно лична карта чија важност истекла во периодот од распишувањето на изборите до денот на нивното одржување и патна исправа чиј рок на важење е истечен односно истекува по 31 јули 2020 чија важност се продолжува до 31 декември 2021 година и отпечаток од прсти.

Гласачот влегува во избирачкото место и покажува важечки лична карта или патна исправа на членот на избирачкиот одбор што ракува со уредот за идентификација, а гласач кој нема личен документ или има истечена важност на личната карта или пасошот пред периодот на распишување на изборите нема да му биде дозволено да се идентификува со отпечаток со прст на уредот и нема да му се дозволи да гласа.

Член на ИО ја споредува фотографијата од личните документи со лицето на гласачот и доколку утврди дека не е истото лице не му дозволува да се идентификува со отпечаток од прст на уредот и нема да му се дозволи да гласа.

ИО го потврдува идентитетот и врши проверка дали гласачот нема претходно гласано преку податоците од важечки документи и со отчитување на отпечатоци од прсти што треба да се совпаѓа со отпечатокот од прст на гласачот во електронскиот избирачки список за соодветното избирачко место во техничката опрема. Идентитетот на гласачот се потврдува со земање на отпечаток од показалец од десната рака, а доколку нема десен показалец, се зема отпечаток од показалец од лева рака. Ако на гласачот му недостигаат двата прста, се зема отпечаток од наредниот прст од десната рака и истото се евидентира во дневниот за евиденција на настани.

Уредот го чита отпечатокот од прстот и се обидува да најде совпаѓање со отпечатоците што се во електронскиот избирачки список за сите гласачи запишани на тоа избирачко место, додека не се најде совпаѓање. Доколку софтверот укаже дека квалитетот на отпечатокот е лош или слаб, софтверот на УБИГ тоа го третира како погрешно скенирање на отпечатокот и бара повторување на процесот.  Доколку не се најде совпаѓање на гласачот треба да му се скенира левиот показалец и процесот се повторува.

Кога избирачкиот одбор ќе констатира дека гласачот го докажал својот идентитетот и утврдил дека не гласал претходно и му се совпаѓа отпечатокот од прст со отпечатокот од електронскиот список, на мониторот на уредот ќе се појават податоци од избирачкиот список на тој избирач. Ако гласачот претходно не гласал, информациите се прикажани со зелено. Член на одборот ја потврдува идентификацијата и гласачот е обележан во системот дека гласал. Доколку уредот не може да најде совпаѓање на отпечатоциоте од прсти, сигнализира со жолта боја. Во тој случај ИО пристапува кон утврдување на личниот идентитет на гласачот преку важечка лична карта или пасош и проверува дали гласачот е запишан и дали е потпишан во печатениот избирачки список. Доколку се утврди дека гласачот го има во печатениот Избирачки список и нема гласано, се внесува во уредот преку отчитување на личниот документ на МРЗ скенерот или со преку внесување на матичниот број.

Ако веќе бил обележан дека гласал системот ги прикажува со црвено и сигнализира со аларм така што нема да му биде дозволено да гласа.

Избирачкиот одбор нема да им дозволи гласање на денот на изборите на лицата кои ќе се пријават за гласање како болни и изнемоштени доколку дојдат на избрачкото место на денот на гласање.

Откако ќе биде потврден идентитетот на гласачот, неговиот реден број се заокружува во изводот на Избирачкиот список, и тој се потпишува, а ако е неписмен става отчеток од прст. По идентификацијата и потпишувањето избирачот ќе добие гласачко ливче.

Во случај уредот да е технички неисправен и неупотреблив избирачкиот одбор веднаш телефонски ја известува ОИК да го замени уредот. ОИК веднаш праќа техничко лице кое е овластено од ДИК за да донесе нов резервен уред. Тоа лице на самото место ја утврдува состојбата, и ако е технички неупотреблив телефонски ја известува ОИК и ќе инсталира нов резервен уред во кој ќе ги префрли сите податоци.

Ако уредот е неупотреблив и не може да се замени тогаш ОИК со потврда од техничко стручно лице ангажирано до ДИК електронски ќе поднесе писмено барање до ДИК и ДИК ќе треба да одлучи дали гласањето ќе продолжи согласно со членот 108 од Изборниот законик.

Кога гласањето ќе заврши претседателот или заменик на претседателот на избирачкиот одбор го деактивира уредот за натамошна идентификација на гласачи, после што нема да може повторно да се активира. На мониторот на уредот освен податоците бројот на избирачкото место и времето, треба да биде прикажани вкупниот број на регистрирани гласачи, вкупно гласачи кои гласале со отпечаток од прст изразено во број и процент од вкупниот број на запишани гласачи на тоа избирачко место, бројот на гласачи кои не можеле да бидат идентификувани со уредот а се регистрирани во уредот преку скенирање на личниот документ или со рачен влез преку матичен број, како и број на мажи и жени кои гласале.

За транспорт и приомпредавање на уредите ОИК задолжително ја известува полицијата.

Во Упатството на ДИК се предвидени исклучоци од гласање со техничка опрема, а тоа се сите лица што ќе треба да гласаат во сабота, на еден ден пред денот на изборите. Тоа се болните и немоќните лица, лицата во притвор, затворениците, лицата со Ковид-19 или во изолација, внатрешно раселените лица, лицата во страските домови, лицата кои гласаат во ДКП-та. Утврдувањето на идентитетот на овие гласачи ќе биде со важечка лична карта или пасош, а дали гласал претходно ќе се проверува со УВ ламба и спреј.

Гласање за градоначалници на вториот круг од Локалните избори ќе има во 44 општини на 2481 избирачко место, вклучувајќи го и Градот Скопје и започнува во 07:00 часот и ќе трае до 19:00 часот.

Право на глас има секое лице што е запишано во изводот од избирачкиот список и поседува важечки документ за лична идентификација – лична карта или патна исправа.

Гласачите пристапуваат да гласаат еден по еден, избирачкиот одбор ќе го провери личниот идентитет на гласачот, личниот идентитет се докажува со важечки личен документ и со отпечаток од прсти. За важечки личен документ се смета: важечка лична карта или важечка патна исправа или лична карта чија важност
истекла во периодот од распишување на изборите до денот на нивното одржување.

Гласачот нема да може да гласа доколку нема еден од претходно наведените важечки лични документи или доколку отпечатокот од прсти не се совпаѓа со отпечатокот од прсти во електронскиот избирачки
список, иако го има во Избирачкиот список.

Избирачкиот одбор врши проверка дали гласачот претходно гласал. Потврдувањето на идентитетот и проверката дека гласачот нема гласано претходно се врши на тој начин што на гласачот ќе му биде
земен отпечаток од показалецот од десната рака. Доколку гласачот нема десен показалец, се зема отпечаток од показалецот од левата рака. Доколку на гласачот му недостасуваат овие два прста, се зема
отпечаток од наредниот прст. На екранот на мониторот ќе се појави слика на гласачот и редниот број
во избирачкиот список, по што гласачот ќе стави потпис во избирачкиот список.

По завршувањето на оваа постапка, на гласачот ќе му се издадат гласачките ливчиња, едно за избор на градоначалничка/градоначалник на општината и едно гласачко ливче за избор на советници и советнички
во Советот на општината, при што на гласачките ливчиња им се става печат од гласачкото место на местото предвидено за ставање на печат.

Се гласа самостојно зад гласачкиот параван со заокружување на редниот број пред само еден кандидат со пенкалото што е оставено во параванот.

Со заокружување на повеќе кандидати, внесување дополнителни симболи, пишувања на страна, или одбележување на ливчето со фломастер или пенкало во која било боја освен сина, гласачкото ливче
станува неважечко.

Откако ќе гласа, гласачот го превиткува секое гласачко ливче поединечно и го пушта во соодветната гласачка кутија.

Се зема документот за лична идентификација и се напушта гласачкото место.

По исклучок, доколку техничката опрема не може да најде совпаѓање на отпечатоците, а избирачкиот одбор може да го утврди личниот идентитет на гласачот преку важечка лична карта или важечки пасош и ќе утврди дека нема претходно гласано преку потписите во избирачкиот список, во тој случај гласачот ќе биде внесен во техничката опрема со пребарување преку нејзиниот/ неговиот единствен матичен број (ЕМБГ) и ќе му се земе отпечаток од прст со цел заштита на избирачкото право.

Утврдување на идентитетот на гласачот и дали тој/таа претходно има гласано се врши без техничка опрема во следниве случаи: за гласање на избирачи што гласаат дома, за гласање на граѓаните што за време на изборите се наоѓаат во установи за вонсемејна грижа, за гласање на граѓаните што за време на изборите се на издржување казна затвор или се во притвор, односно куќен притвор, за гласање на граѓаните што за време на изборите се наоѓаат на привремена работа или престој во странство, за гласање на членовите на избирачките одбори за гласање во ДКП, односно конзуларните канцеларии.

За избирачите – лица со попреченост што не можат да влезат, односно да пристапат до гласачкото место, избирачкиот одбор е должен на овие лица да им овозможи на соодветен начин да влезат односно пристапат во гласачкото место за да го остварат своето право на глас.

Доколку овие лица со себе не довеле лице што ќе им помогне при влезот односно пристапот во гласачкото место, во тој случај избирачкиот одбор е должен да определи лица од редот на избирачите што во тој момент се затекнале во гласачкото место да му помогнат на избирачот со попреченост да
влезе, односно да пристапи до гласачкото место за да го оствари своето право на глас.

Доколку поради кои било причини на избирачот не му е дозволено да го оствари своето право на глас, избирачкиот одбор, на барање на гласачот, треба да пополни образец во два примероци, претходно усвоен од Државната изборна комисија, во кој ќе ги наведе и образложи причините, и еден примерок треба да му даде на избирачот. Избирачкиот одбор треба да го упати гласачот во Општинската изборна
комисија.

ОИК на денот на гласањето е отворена за сите гласачи што ќе побараат помош за остварување на своето гласачко право.

Секој гласач има право да поднесе до Општинската изборна комисија: приговор за заштита на личното избирачко право во постапка на спроведување на гласањето, а ОИК е должна на секој гласач што ќе се
обрати во ОИК со намера да поднесе приговор да му издаде формулар на кој ќе го поднесе приговорот, потоа и приговор поради повреда на личното избирачко право во секоја фаза од изборниот процес, кој секој избирач може да го достави до Државната изборна комисија непосредно или преку општинската
изборна комисија, во рок од 12 часа.

ОИК е должна на секој гласач што ќе се обрати во ОИК со намера да поднесе приговор да му издаде
формулар на кој ќе го поднесе приговорот или да го упати и да му помогне да го пополни електронскиот формулар на приговорот на www.prigovori.sec.mk