Лекарите од „Козле“ спасуваат детски животи: Од телата на децата извадени обетки, игли, трева

Ситни играчки, обетки, јаткасти плодови... долга е листата на предмети кои лекарите ги извадиле од дишните патишта на децата. Месечно околу 10- тина пациенти завршуваат како итни случаи во детската болница во Козле. Долготрајна кашлица или проблеми со дишењето се најчестите симптоми кога лекарите преку бронхоскопија откриваат туѓо тело во белите дробови, пренесува МРТ.

„И родителите треба да внимаваат, не за џабе е дадена насоката според годините со каква играчка можат да си играат децата. Вниманието на родителите да биде насочено на сѐ што се наоѓа на на подот, бидејќи такви ситни предмети децата доста лесно, имитирајќи нешто што имаат видено, со лесно можат да го проголтаат, да го аспирираат внатре во белите дробови“, вели д-р Анѓелчо Андоновски, директор на Клиниката за белодробни заболувања кај децата– Козле.

Има случаи и кога туѓите предмети подолг период биле во дишните патишта на децата, додава доктор Андоновски.

„Она што родителите можат да не го заприметат е честото кашлање на детето кое може да трае и подолг период, но откако ќе се уверат дека не е настинка, дека не станува збор за пневмонија или опструкција, тогаш доаѓаат го дијагностицираме и се прави бронхоскопскиот зафат“, вели д-р Андоновски.

Во пораст е бројот на деца кои вдишуваат туѓи предмети. Лекарите со совет до родителите – постојано да бидат во нивна близина.