Лани помалку бракови, но и помалку разводи

Бројот на склучените бракови во 2016 година, во  споредба со претходната година, е намален за 7% и изнесува 13 199 склучени бракови, објави денеска Државниот завод за статистика. 

Најмногу бракови, 1 721 или 13.0%, се склучени во август, а најмалку бракови, 637 или 4.8%, се склучени во  април.  Најчесто е стапувањето во прв брак со учество од 92.5% за жените и 91.2% за мажите.  Во втор брак, со учество од 8.1%, и трет брак, со учество од 0.7% во вкупниот број на склучени бракови, почесто  стапуваат мажите. 

Во 2016 година, во најголем број од склучените бракови жените биле на возраст од 20 до 24 години со учество од 33.7%, а мажите во старосната група од 25 до 29 години со учество од 37.1%.  Просечната возраст при склучување на прв брак е 26.5 години за невестата и 29.3 години за младоженецот. 

Во Скопје се склучени 3209 бракови, во Гостивар 690, 653 во Куманово, Тетово 698, Битола 521, Велес 327, Кавадарци 237, Дебар 140, Прилеп 422, Охрид 303, Теарце 140, Струга 432,  а другите се со помал број на бракови. 

Бројот на разводи во 2016 година бележи намалување од 9.8% во споредба со 2015 година и изнесува 1 985 разведени бракови.  Најмалку бракови, 39 или 2.0%, во текот на годината се разведени во јуни, а најмногу во март, 245 или 12.3%.  Според возраста на сопругата, најголем број на разводи се случиле во старосната група од 25 до 29 години, 
со учество од 18.6%, a според возраста на сопругот, во старосната група од 35 до 39 години, со учество од 18.0%.