Крвав инцидент се случил викендов во ноќен клуб во Скопје, низа реакции на социјалните мрежи

Физичка пресметка со крвав крај се случила викендов во ноќниот клуб Станица 26, лоциран на улицата Јордан Мијалков во центарот на Скопје. За настанот најпрво на социјалните мрежи информираше мајката на едно од повредените девојчиња, а потоа со став се огласи и сопственикот на ноќниот клуб. Mајката посочува за негрижа и нечовечност, а сопственикот вели дека помошта е пружена и сите процедури и постапки се испочитувани. Тој апелира за целосно расчистување на случајот. 

Настанот се случил во саботата вечер кога во клубот се случила физичка пресметка помеѓу неколкумина гости од странство. Но, во инцидентот со сериозни повреди завршиле и две девојчиња кои случајно се нашле во ноќниот клуб. Првото со тешка повреда и хематом на главата, а второто со хематом, но и со исекотина на лицето.  Повредите настанале од удари со стаклени шишиња.

Мајката на едно од повредените девојчиња во својот фејсбук статус тврди дека никој од гостите не пружил помош на повредените, што според неа говори за човечноста на останатите присутни во ноќниот клуб.  Таа додава дека вакви случки се случуваат секаде, но тажна е и гневна дека случката нема да се расчисти до крај и истата како што вели таа „ќе се заташка“.

Прстот го вперува во менаџментот на дискотеката и вели дека доколку тој како сопственик не е способен да работи ваков локал, тогаш барем како родител да се стави во нејзината положба.

Сопственикот на дискотеката преку социјалните мрежи го искажа својот став за целиот настан.

Тој сведочи дека во клубот се случило турканица меѓу повеќе лица, кои беа странци. Обезбедувањето веднаш реагирало и сите учесници биле извадени надвор од локалот.

- Јас лично повикав полиција во 03:13 часот и за истата пријава потпишав и записник, вели тој во својата објава.

Тој додава дека една од вработените ја однела девојката во тоалет, и помогнала да се измие и и било понудено со кола да се префрли до соодветна амбуланта, но од нејзина страна тоа било одбиено.

Надзорните камери на нашиот локал се во функција и достапни ќе бидат за сите засегнати страни, додава тој и потенцира дека локалот работел согласно законските прописи и дека неговиот капацитет не бил во целост исполнет.

Сопственикот во објавата вели дека жали за овој настан и стои на располагање за понатамошна соработка во насока на негово целосно расчистување на настанот. 

Од полицијата засега нема официјално известување за физичката пресметка.