Кривична за скопски крадец: Од барака во Лисиче украл пари, часовници, обувки и пасоши

Секторот за внатрешни работи Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против Д.Д. (25) од Скопје поради основано сомнение дека извршил едно кривично дело „тешка кражба“ предвидено и казниво согласно член 236 од КЗ на РМ, при што се стекнал со противправна имотна корист од околу 135.000 денари.

Имено, пријавениот кривичното дело го извршил на 20 јули годинава во периодот од 06,20 до 17,05 часот, во куќа – барака на улица „Мите Богоевски“, населба Лисиче во Скопје на тој начин што откако со физичка сила ја отворил балконската врата и одзел пари, облека, обувки, два машки рачни часовници, еден звучник и две патни исправи, го напуштил местото на настанот.