Кривична пријава ќе заработат 11 лица од надлежните установи во врска со силувањето на малолетничката Р.И, информираше денес Министерството за труд и социјална политика.

Врз основа на записникот и извештајот од извршениот вонреден инспекциски надзор од страна на Социјалната инспекција при МТСП, Министерството ќе поднесе кривична пријава до ОЈО против одговорните лица во Центарот за социјална работа - Скопје за ,,несовесно работење во служба’’ (по член 353-а, став 1 од Кривичниот законик на РМ), како и против стручни лица вработени во Центарот, за кривично дело ,,запуштање на малолетно лице’’, (по член 201 од КЗ) и за ,,несовесно работење во служба’’ (по член 353-а, став 1 од КЗ).

Оваа пријава ќе биде покрената против сите лица кои биле задолжени да постапуваат и преземаат службени дејствија по предметот на малолетната Р.И. во периодот од 2012 - 2017 година.

Исто така, од страна на инспекторите се поднесени 12 иницијативи за покренување дисциплинска постапка против стручни лица, согласно со Законот за работни односи. Поведени се и 13 постапки за сторени прекршоци од страна на стручните лица во постапувањето во овој случај, согласно со Законот за социјална заштита, информираат од МТСП.