Кристијан е дете со посебни потреби, а неговата мајка е херој, жртва на насилство која секој ден води нова битка

Кристијан денес има 16 години. Прекрасно момче со добри манири и искрена насмевка. Желен е секој ден да биде поуспешен во своите обврски.

Има прекрасни очи низ кои се гледа неговата радост, но и неговата тага. За рака го држи својот херој – неговата мајка Весна. Таа му е единствениот сопатник во тешкиот пат кој заедно го минуваат секој ден, секој час, многу долги години.

Кристијан е дете со посебни потреби. Уште од кога бил мал ја покажувал својата хиперактивност, но неговото однесување сите го дефинирале како “карактер“, а не како “заболување“. Хиперактивното дете на 12-годишна возраст добива дијагноза на детска педијатрија – ADHD.

Нарушувањето на вниманието со хиперактивност, познато и какоADHD (од англ. Attention Deficit Hyperactivity Disorder), е едно од најголемите невроразвојни нарушувања во детската и адолесцентната возраст. Ова нарушување вклучува зголемена моторичка активност кај детето, која е следена со неадекватно развиено и лесно отстранување на вниманието со нагли, непредвидливи и импулсивни реакции.

Мајката на Кристијан во сведоштво за КУРИР ја раскажува својата животна приказна, преку приказната на нејзиниот син.

-Како растеше, повлекуваше и други растројства во внимание и поведение. Во основно училиште воопшто не беше прифатен. Децата не го прифаќаа и тоа ја влоши неговата состојба. Косата почна да му паѓа од стрес, стана агресивен. Така ја покажуваше тагата и гневот бидејќи не е прифатен. Моето дете беше хоспитализирано на Психијатрија затоа што неговата агресивност се зголемуваше, вели мајката во изјавата за КУРИР.

Болката која ја живее е неиздржлива, оваа мајка буквално преживува пекол. Нејзиното сведоштво е вознемирувачко и тажно и остава отворени многу прашања.

Мајката на Кристијан ни откри дека била жртва на семејно насилство. Нејзиниот поранешен сопруг, таткото на нејзиното дете, бил насилен кон неа. Таа голгота не ја преживеала само таа, насилството го гледал и Кристијан. Тоа му направило дополнителен голем стрес, а терапиите кои ги пие само се зголемувале.

Првата помош ја добиваат од невладината организација „Надеж“. Го кренале гласот против насилството и сопругот добил пресуда, но ништо друго не се променило. Насилството, стресот и болката продолжиле, па оваа херој-мајка одлучила прво да се ослободи од стравот. Го зема своето дете и го напуштаат домот во кој, очигледно, не биле посакувани.

Сега живеат под кирија, имаат низа трошоци кои се голем терет врз грбот на мајката.

-Барам државата барем за терапија да ми помага. Терапијата на мојот син е многу скапа, а не е преку Фондот. Плаќам се сама. Само најважното го барам – лекарства за детето. Потребен ни е литиум кој извесен период не можеше ни да се најде во Македонија, сега малку набавив, вели Весна во изјавата за КУРИР.

Од државата нема никаква помош, оставена е сама на себе да се бори за неа и за нејзиното дете. Ниту финансиска ниту институционална помош за Кристијан нема.

Во животот на Кристијан се појавува еден човек со кој го носат истото име.  Тој во своето кафуле во скопската населба Ново Лисиче го зема ова дете и му докажува дека има капацитет нешто и да работи. Тоа за Кристијан е голам мотивација, се чувствува посамостоен.

Весна ја опишува Македонија како “заспана држава“. Не добива помош од никаков вид – ниту здравствена, финансиска, нема никаква активност која би ги мотивирала овие деца.

За тоа колку оваа мајка е посветен борец говори и фактот што таа работи во Црвениот крст. Ја избрала оваа професија за да им помага на луѓето од ранливите категории, знаејќи колку е тешко да нема кој да ти помогне.

Таа е дете растено во Дом за деца без родители и родителска грижа и нејзина најголема мисија е да му пружи љубов и заштита на синот.

Тешките моменти ги лекува со молитва и верба во Бог.

-Само Бог и никој друг на помош. Мојот фокус е детето да ми биде прифатено. Пред се од таткото и неговото семејство, а потоа и од околината. Тоа е наше дете, за мене е благослов да бидам посебна мајка. Мајка на дете со посебни потреби е посебна мајка. Бог не ни дава терет кој што не можеме да го носиме, вели Весна во изјавата за КУРИР.

Секој ден за Весна и Кристијан е нова битка. Битка од која излегуваат како победници бидејќи љубовта им дава најголема сила.

А љубов е тоа што оваа мајка најмногу посакува за својот син. И Кристијан пати единствено по љубов.  Весна вели дека посакува љубов и грижа, синот да има од својот татко. Дури бара и институциите ако треба да поработат со другиот родител за прифаќање на ова дете.

Кристијан посетува психолог и невропсихијатар, оди на обуки за млади во Детско село. Секој ден за него е нов предизвик, секој предизвик е нова планина.

Државата мора да застане и да им го чува грбот на овие деца, децата како Кристијан!