Криминалот кога е неказнет станува основен модел на однесување, смета Глигорова

Активистката Ана Глигорова смета дека криминалот кога е неказнет, кога е легализиран преку закони, Собрание, тој повеќе не е криминал, тој е основен модел на однесување, на кој се базира оваа држава. 

Таа преку објава на својто фејсбук профил даде свој став за она што изминатата недела беше повеќе од актуелно, а тоа се намалените казни за функционерите.

- Зошто во Македонија цути криминалот? Уште од најрана возраст децата се учат дека со врски, посебно фамилијарни се поправаат оценки, подоцна се вработува, со корупција. За да има корупција се потребни две страни, еден кој е воспитан да дава пари, и друг кој е воспитан да зема пари. Од основната клетка, поединецот доаѓаме до колектив, цело општество кое во културата ја има корупцијата како движечка сила, погон, машина која го дроби разумот, правдата, знаењето, уметноста. Никој повеќе не е заинтересиран за вистинска наука и уметност, затоа што тоа не пали, не е потребно. Потребна е корупцијата како мајка на криминалот кој е мерка за успешност. Извинете ме, но кога е неказнет, кога е легализиран преку закони, Собрание, тој повеќе не е криминал, тој е основен модел на однесување, на кој се базира оваа држава. Сите (и најчесните) молчејќи го прифаќаат и директно и индиректно работат за криминалците за 400 евра. Дојде мигот кога не се знае кој веќе не е криминалец. Очај до небо, порача Глигорова.