KРИМИНАЛЦИ СО БИЗНИС-ПЛАН: Изнајмиле стан во Скопје за да одгледуваат марихуана

Двајца млади скопјани се приведени, бидејќи имале идеја за бизнис-план, која била спротивна на законите. Тие завршиле зад решетки бидејќи во изнајмен стан почнале да одгледуваат марихуана.

Истрагата за овој случај ја водел Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР, пренесува Дневник.По завршување на истрагата, полицијата против Д.Ѓ. (30) и М.Р. (32), двајцата од Скопје, поднела кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Истрагата утврдила дека двајцата во средината на декември лани изнајмиле стан во една од скопските населби и почнале да одгледуваат марихуана во собите. Планирале марихуаната да ја пакуваат и продаваат, но полицијата ја открила нелегалната лабораторија и ги уапсила.

Во изнајмениот стан била откриена импровизирана лабораторија за нелегално производство на растението канабис сатива - висококвалитетна марихуана - сканк.

Од завршеното вештачење е утврдено дека 103 стебла канабис сатива биле со висина до 1,2 метар, а две стебла со висина до 20 сантиметри. Исто така во станот биле пронајдени 91 семка канабис, 30 грама марихуана и 388 грама хашиш.