Ковид биланс: Најмногу заразени во Скопје, владата донесе нови анти-ковид мерки

Не се очекува нов силен бран на КОВИД-19 и оптоварување на болниците, но не се исклучува ни можноста вакцината да биде задолжителна, иако засега не се размислува за тоа.  Состојбата со вирусот постојано се следи и од тоа како ќе се развива ќе се преземаат и мерките. Се воведува услов посетителите на културни настани во затворени објекти да бидат вакцинирани со две дози, а исполнетоста на салите да биде 50 наместо како досега 30 отсто од капацитетот.

– Во целата држава е во пораст опфатот со вакцинација. Сметам дека силен бран не би требало да има, но тоа не значи дека не треба да сме внимателни. Тешко е да се предвиди како ќе се движи состојбата со вирусот. Има различни студии и предвидувања. Во овој момент освен кампањите и рестриктивните мерки, некои земји имаат препораки во некои сектори вакцинацијата да биде задолжителна. Ние засега не размислуваме за тоа, но ништо не е исклучено. Ќе видиме каква ќе биде епидемиолошката состојба во следниот период, ќе видиме дали овој опфат со вакцина и натаму ќе ги намалува бројките и врз основа на тоа би носеле нови одлуки, рече вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Во вчерашниот здравствен билтен беа евидентирани нови 412 случаи од  3567 тестирања, од кои половината (207) од Скопје, Статистиката бележи и 459 оздравени и 12 починати пациенти во 24 часа и дополнително уште осум што починале од 1 септември до 8 октомври 2021 согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза КОВИД-19 од „Мој термин”.

Активни КОВИД-случаи има 6589 во целата држава и од нив 3323 се во главниот град. Трицифрени активни имаат Куманово (544), Велес (290), Охрид (206), Струмица (200), Битола (197), Штип (195), Тетово и Прилеп по 183, Кавадарци (153), Кичево (131), Кочани (125) и Крива Паланка (120).

Од почетокот на епидемијата во земјава во февруари минатата година, коронавирусот е потврден кај 195 542 луѓе од направени 1 330 304 тестирања. Починале 6875 пациенти, а 182 078 се регистрирани како оздравени. 

На предлог на Комисијата за заразни болести, Владата вчера на седница донесе заклучок за измена на Протоколот за организирање настани во затворен простор во театри, кина, филхармонија и други објекти, со што се зголемува на 50 проценти дозволената исполнетост од капацитетот на салата со публика наместо досегашните 30 отсто.

Во врска со овој протокол, како што информираше владината прес-служба, се воведува и условот посетителите да бидат вакцинирани со две дози со вакцина против КОВИД-19, a останува обврската на организаторот да ги спроведува и контролира сите останати препорачани превентивни мерки за спречување ширење на вирусот и да организира редарска служба за контрола на мерките.

На  седницата е прифатено барањето на Агенцијата за млади и спорт да се дозволи организирање и учество на натпревари во сите спортови во категориите пионери, младинци и кадети без приложен сертификат за вакцинација, со заклучок дека останува препораката да се вакцинираат сите за кои е одобрена вакцинацијата, вклучувајќи ги и децата и младинците од 12 години и над таа возраст.

Владата донесе и заклучок децата со посебни потреби или со пречки во развојот да бидат ослободени од обврската за задолжително носење заштитна маска во училиштата доколку приложат лекарска потврда за нивната состојба.