Ковачевски со честитка: Одлучни и силни жени се двигатели на општеството

Одлучни и силни жени се двигатели на општеството, вели премиерот Димитар Ковачевски во честитката упатена по повод 8 Март - Меѓународниот ден на жената.

-Целосно и безрезервно ги поддржувам во напорите за препознаеност на нивната безвременска улога во општеството, каде, рамо до рамо со мажите, остваруваат огромни успеси во различни сфери и со своите способности, вештини и квалитети ги бришат границите и препреките за наредните генерации, вели Ковачевски.

Во честитката, премиерот посочува дека денес се слави првиот од 365-те дена борба за економска, политичка и социјална еднаквост на жените.

- Жените заслужуваат признание за нивната храброст, упорност, достоинство и борбеност на сите фронтови. И тоа не само на овој ден, туку секој ден, истакнува премиерот Ковачевски во пораката.