Ковачевски бара консензус за намалување на платите на функционерите

Во Македонија важи едно непишано право дека е многу тешко функционерите да се откажат привилегиите. Таков пример се зголемените плати од 78 % на избраните и именуваните лица.

Според премиерот Димитар Ковачевски, има иницијатива и работна група која работи на проблемот, но потребна е усогласеност од сите чинители.

– "Не можете да вратите одлука на Уставен суд. Одлуката на Уставен суд е финална одлука во државата. Со која одлука ќе поништите одлука на Уставен суд? Уставниот суд постои за да биде финален арбитар на она што се случува во законодавството. Затоа велам дека сите чинители во општеството ќе мора да седнат на маса бидејќи само така може да се направи системско решение", изјави денеска Ковачевски.

Тој вели дека платата била регулирана од дури 7 закони и потребно е системско решение за платите на функционерите.

– "Висината на платите е регулирана согласно седум закони при што во еден од нив стои дека не може да се намалува плата на суд. Втора работа е што Владата не може да определува плата на пратеници бидејќи пратениците ја бираат Владата и затоа уште пред година ипол кажав дека решението треба да е системско решение во кое ќе се каже која е највисоката плата и потоа да се направи градација. Овде се работи за одлука на Уставниот суд со која се поништи одлуката за замрзнување на платите на избрани и именувани лица", рече Ковачевски.