Познатото шимпанзо Коко кое 10 години се ресоцијализираше во Холандија повторно е во својот дом, во скопската Зоолошка градина. Коко во Скопје пристигна вчера со уште три шимпанза - Мими, Роси и Хјасл со кои ќе го дели живеалиштето. На денешната прес-конференција на која присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов, директорот на Зоолошката градина, Ѓорѓи Галетановски, дел од тимот на AAP Animal Advocasy and Protection, каде што Коко престојуваше изминатата деценија и зоо-негувателите кои го чуваа Коко пред да замине за Холандија, беа соопштени сите детали за шимпанзата - нивните приказни, навики и карактеристики, а беше промовирано и новото живеалиште каде што тие ќе живеат.
Живеалиштето за шимпанзата има голем внатрешен и надворешен дел и е збогатено со голем број реквизити. Коко, Мими, Роси и Хјасл од карантинот денеска беа префрлени во големиот внатрешен објект и се запознаа со својот нов дом.