Кога животот ќе ве притисне и не сака да ве пушти...

Решението е во вас. Можеби е малку подлабоко закопано отколку што се надевате, но сигурно е тука. Се вика верба. Верба во себе, верба во љубов и во поддршка од виша сила. Верба во позитивен исход. Се нарекува и оптимизам, ентузијазам, љубов кон животот, благодарност за она што си и за она што го имаш и се што допрво треба да добиваш и да станеш.

Животот не е мака. Животот не е огромен проблем составен од безброј помали проблеми кои трчаме да ги решиме за конечно да  го најдеме нашиот мир, среќа и потоа до крајот на животот да уживаме. Животот е училиште, искуство, напредок и развој.

Ако проблемите ги гледате како непријатели, тогаш од нив никогаш нема да произлезе нешто позитивно и конструктивно. Ако почнете да ги гледате како предизвици, лекции и нови сознанија, тие ќе се претворат во ваши сојузници и нема да изгледаат толку страшно.

Животот носи разни искуства. Некои ни се допаѓаат, а некои едвај ги поднесуваме. Тие помалку атрактивните се тука за да нѐ научат „како не треба“, а оние кои ги дочекуваме со насмевка на лицето се тука за да ни покажат кои сме, што нѐ привлекува, кој е нашиот пат, нашата цел и задачи.

Од проблемите и маките не се бега, затоа што од нив не може да се побегне. Во тоа не успеал ниту еден човек. Има неколку избори. Проблемот може детално да се анализира и да се запрашаме како се појавил во нашиот живот, зошто баш сега и зошто баш нам ни се случува тоа, а потоа полека и трпеливо да го бараме решението.

Ако животот ве притиснал, баш онака силно и не ве пушта, тоа значи дека нешто не гледате како што треба.  Тоа значи дека во вас има многу тага, лутина, неразбирање, нетолеранција и неверување. Тоа значи дека сте се оддалечиле од се што е добро, природно, вредно за внимание. Животот удира шамари и тоа без пардон, особено кога луѓето го игнорираат.

Ако не го слушаш и ако се занимаваш со осудување, озборување, кукање и плукање, тогаш животот толку ќе те стисне што нема да можеш да се мрднеш.

Не е наше да му наоѓаме маани на животот. А ниту на луѓето, ниту на околностите. Наше е да се грижиме за себе и тоа најдобро што можеме. Да се проучуваме, напредуваме и менуваме. Наше е да ги прифаќаме сите случки како корисни искуства. За се постои причина. Се има смисла. Ништо не е случајно. Наше е да размислуваме за да сфатиме што сака животот од нас и да сфатиме што е најдобро за нас, а тоа не значи дека ќе биде она што сме го зацртале самите за себе.

Ако ја пронајдете таа нишка во себе, ако се пронајдете себеси – тогаш можете да бидете среќни и потполно мирни, каде и да сте, со кого и да сте.

Затоа, чепкајте, барајте, мислете, седете во тишина и молчете самите со себе барем еднаш дневно. Слушајте ги тие тивки и суптилни пораки. Ако сакате нешто да промените, знајте дека се е до тебе: и како,  и кога, и зошто.

Се е во вас.