Коцевски: Мотивот за убиството на Вања е јасен, детето страдало пред да биде убиено

Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски во интервју за „360 степени“ изјави дека првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски-Палчо сè уште не бил на распит бидејќи во моментот се вештачат предметите што ги донел со себе од Турција.

Директорот на затворот „Шутка“, Филип Андов претходно изјави дека Љупчо Палевски-Палчо при екстрадацијата со себе носел евра, турски лири, документи но и телевизор плазма кој го користел во екстрадицискиот притвор во Турција.

Коцевски беше прашан зошто во соопштението на Обвинителство од петокот за обвинителниот акт против четири лица, од една страна, се вели дека обвинетите „испланирале грабнување на 14-годишното дете Вања Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп“, но потоа не се објаснува зошто не останале на тој план, туку многу брзо по грабнувањето го убиле девојчето, Коцевски одговара дека мотивот е јасен, но дека известувањето е срочено така за да не се предизвика вознемирување кај јавноста.

„Во актот, описот на дејствијата е јасно даден и основата по која се товарат обвинетите е јасно определена. Во однос на мотивот, тој е јасно наведен, а во однос на други подробности, од причините претходно изнесени, не сакам да ги коментирам бидејќи се работи за дете кое е убиено на свиреп начин, а тоа е страдање претходно“, изјави државниот обвинител.

Љупчо Коцевски е шеф на Јавното обвинителство околу три и пол месеци, откако беше избран од Собранието на 13 февруари годинава.