Клиничкиот центар во Скопје се дави во ѓубре - пациентите се жалат

Клиничкиот центар во Скопје е преплавен со отпад, преполни корпи за тпадоци од кои се шири непријатна миризба и отпушоци насекаде, пренесува ТВ24.

Дворот е претворен во депинија, отпадот се таложи со месеци и нема кој да го исчисти. Пациентите се жалат на нехигиената и велат дека и во Дрисла е почисто отколку во болница.

Од Град Скопје за ТВ24 велат дека чистењето на Клинички го организира Службата за заеднички и општи работи, а го спроведува јавното претпријатие Комунална Хигиена.

Од службата за општи и заеднички работи пак се правдаат дека тие не се одговорни. Директорката Шкодране Дарлишта во телефонски разговор објаснува дека пред четири години министерот Тодоров задолжил приватна фирма да се грижи за хигиената.

Министерот Таравари минатата година го раскинал договорот, за кој бил објавен тендер за ангажирање на нова фирма, кој пропаднал и оттогаш кокмуналните служби на Град Скопје биле задолжени за чистење.

Директорката вели дека таа побарала надлежноста да се врати кај СОЗР, испратила и барање за вработување на хигиеничари, но одговор од минситерството се уште не добила за ова прашање.

Од Министерството за здравство ветуваат дека уште денеска ќе ги задолжат комуналните служби на Град Скопје да излезат на терен и да го исчистат отпадот. Уверуваат дека во предвидените рокови ќе се распише и јавен повик за ангажирање на нова фирма, со цел да се надмине проблемот со хигиената.