Ќе се рушат 100 објекти за да се изгради новиот мост на Вардар

Град Скопје ќе гради нов мост со кој населбата Аеродром преку Керамидница ќе се поврзе со општина Гази Баба.

Градежните активности од мостот “Близнаци”, покрај кејот на Вардар до хотел “Русија” очекувам да почнат во септември годинава, а изградбата на мостот преку Вардар кон крајот на наредната зима.

Во тек се процедурите за изработка на инфраструктурен план, а за брз период и постапка за изработка на изведен план за најновиот проект за изградба на нов коридор со мост преку реката Вардар.

Мостот ќе почнува од булеварот АСНОМ кај хотел „Русија“ од каде преку реката Вардар низ населбата Керамидница треба да се спои со крстосницата кај саем. За изградба на мостот ќе се уриваат околу 100 објекти во населбата Керамидница. Изградбата ќе чини 16 милиони евра од кои 8 милиони за градежни работи а 8 милиони за експропријација..

Новиот проект освен со нов мост преку Вардар во должина од 120 метри предвидува и пробивање на нов и реконструкција на стар булевар во вкупна должина од 2.170 метри, 5 вкрстувања, 6 коловозни ленти, велосипедски патеки во двете насоки, пешачки патеки и дрвореди. По изградбата на новата сообраќајница, градските власти планираат да воведат и нови автобуски линии на јавниот градски превоз. Од Градот очекуваат дека за реализација на овој инфраструктурен проект ќе бидат потребни 24 месеци од почетокот на градежните работи и финансии во висина од 7,5 до 8 милиони евра.