Ќе се намали цената на струјата?

Министерот за економија Крешник Бектеши, уверува дека Владата има решение за намалување на последиците од економската криза. Тој во интервју за „Дојче Веле“, тврди дека од Нова година, нема да има поскапа цена на струјата, па дури најави и можно намалување на истата, а и од први следниот месец, ќе се намалат цените на основните прехранбени производи.

Овие најави се дел од, како што истакна тој, планот на Владата за смирување на кризата. 

-Нема да има драстично зголемување на цената од 1 јануари, можни се и поместувања во надолна линија. Сѐ зависи од тоа што ќе утврди Регулаторната комисија откако ќе се направат соодветните анализи и проекции и, адекватно на тоа, ако е потребно ќе биде донесена соодветна одлука од страна на Владата. Согласно нашите проекции и разговорите што ќе ги имаме во Економскиот совет, можам да кажам дека кризата нема да биде на товар на граѓаните, на домаќинствата и на малите потрошувачи. Што и да се случи со производството на ЕСМ, што и да се случи во енергетскиот систем, граѓаните никогаш нема да плаќаат повеќе од она што моментално плаќаат. Јас ги имам пресметките колку би можела да изнесува таа и тврдам дека зголемувањето нема да биде на товар на граѓаните - рече Бектеши, за „Дојче Веле“. 

Граѓаните периодов постојано се шокираат од високите цени. Голем дел реагираа за нереалните суми кои се поставени на основните прехранбени производи. Но, министерот вели дека инспекторите засилено ќе работат на терен, за трговците да не ја злоупотребуваат ситуацијата. 

-Стапката на инфлација бележи поинтензивен раст, отсликувајќи ги повисоките цени на примарните производи, но и нарушувањата во глобалните синџири на снабдување. Ценовниот раст во Република Северна Македонија главно произлегува од фактори на страната на понудата, односно од порастот на цените на храната и енергијата, како резултат на подолготрајниот и посилен раст на увозните цени поради војната во Украина и санкциите воведени кон Русија, со што дополнително се влошиja глобалните синџири на снабдување и пазарот на енергија. Ваквата ситуација има директен одраз врз цените на прехранбените производи, како и цените на горивата и електричната енергија, со оглед на тоа што храната и енергијата се клучните влезни компоненти. Иако растот на цените стана широко распространет, ценовните притисоци се на глобално ниво, базичната инфлација во Република Северна Македонија бележи силен раст оваа година, во однос на претходните години, растот на домашните цени има исклучиво влијание од растот на цените во земјите од кои го вршиме увозот. За да го ублажиме притисокот од растот на увозните цени, Владата на Република Северна Македонија во почетокот на март оваа година донесе мерка за ограничување на трговската маржа на основните прехранбени производи, која важи до крајот на оваа година. Дополнително на тоа, Владата презеде натамошен чекор на почетокот на ноември оваа година кон домашните производители на основните прехранбени производи, за субвенционирање на електричната енергија во нивното производство, сѐ додека трае кризната состојба во непречено снабдување со електрична енергија - рече министерот.