Ќе работам како келнер, ама нема да работам како економист за 200 евра плата

Ќе работам како келнер, ама нема да работам како економист, со факултетска диплома за 200 евра плата, вели Никола од Скопје, кој е само еден од многуте кој се одлучил на овој чекор.

Никола дипломирал на економскиот факултет пред 4 години, но никогаш не работел како економист. Тој солидно го познава англискиот јазик, го знае францускиот, а сега оди и на курс по германски јазик.

Уште додека студирал работел во слободно време како келнер.

-Не дека ми беше неопходно, но ете сакав свои пари. Полесно ми беше од свој џеб да извадам 100 денари, отколку да барам од моите, кои исто така се обични работници во оваа наша мила земја. Не земаат многу, но имаме за прехрана од плата до плата. За ништо повеќе. Доволно беше што ми го плаќаа факултето. За се друго, јас бев способен, ако не друго, за викендите работев како келнер во дискотеките, и ни ми пречеше ништо, пак го завршив факултето на време и тоа со добри оценки. Сето тоа беше добро, но јас никогаш не најдов работа, за плата повисока од 200 евра, вели Никола.

Тој додава, дека како келнер некогаш зема и многу повеќе од минималната плата. Плата многу поголема од онаа што ја земаат економистите во државата или оние во администрацијата.

-Ќе работам како келнер, ама знам дека таа работа е без диплома. Некако помалку боли. А боли кога знаеш дека за нешто си се мачел, си учел, си плаќал и на крај ќе земеш 200 евра. Нема да биде така. Ако треба вечно ќе бидам келнер, вели тој.

Никола размислува и да ја напушти Македонија. Можеби не денеска или утре, но за кратко време ако не се смени ситуацијата, ќе си заминам, вели тој.